„Отстранете ги опасните содржини од социјалните мрежи, не ги сакаме!“ - Кејт Винслет со моќен говор на BAFTA TV
- Детали
- понеделник, 15 мај 2023
„До оние кои имаат моќ – криминализирајте ги опасните содржини на социјалните мрежи. Не сакаме да остануваме будни грижејќи се за менталното здравје на нашите деца“, порача Кејт Винслет во говорот за прифаќањето на нејзината BAFTA TV награда.
Во неделата (14.05) се одржа доделувањето на BAFTA TV наградите, а помеѓу победниците беше единствената Кејт Винслет. Таа победи во категоријата најдобра актерка за улогата во I Am Ruth.
Во својот говор, Кејт Винслет прозборе за проблем што нè засега сите – содржината што ја гледаат децата и тинејџерите онлајн и влијанието што таа го има врз нив.
Оваа проблематика периодов е актуелна и кај нас, најмногу поради трагедијата во Србија.
Кејт се појавува во една епизода од антологиската серија. Таа глуми мајка на тинејџерка која, на некој начин, станува зависна од социјалните мрежи. Ова, пак, има ужасно влијание врз нејзиното ментално здравје.
Тинејџерката ја глуми нејзината вистинска ќерка – Миа.
Трејлер за епизодата со Кејт Винслет и ќерка ѝ:
Токму овој лик ја инспирираше актерката да прозбори за проблемите со коишто се соочуваат младите и нивните родители.
„Гарантирам дека ќе бидам единствената личност која ќе плаче вечерва“, изјави Кејт откако се качи на бината, и на шега додаде дека не може да си го прочита говорот од солзите.
Кејт му се заблагодари и на режисерот, истакнувајќи дека на одличен начин ги обработува деликатните проблеми со кои се соочуваат жените ширум светот.
„Тоа не е само моќно, туку и храбро. Ни треба ова. Сакаме да бидеме слушнати. Ти благодарам што ни го даваш овој простор за ние да ги раскажеме нашите приказни“.
Кејт со режисерот и ќерка ѝ Миа
Актерката се заблагодарува и на останатиот тим, особено на телевизијата што ја емитува серијата бидејќи „не се плаши да прикаже приказни кои поттикнуваат дискусија“.
„Ако можам да ја пресечам статуетката на половина, ќе ѝ ја дадам другата половина на ќерка ми, Миа. Заедно го направивме ова.
Кејт и ќерка ѝ Миа
Серијата I Am Ruth е направена за родители и нивните деца, за семејства кои се чувствуваат како заложници на опасноста од онлајн светот. За родители кои посакуваат уште да можат да комуницираат со нивните тинејџери, но повеќе не можат.
И, за млади луѓе кои станале зависни од социјалните мрежи и нивната мрачна страна. Ова не мора да биде вашиот живот.
До луѓето кои имаат моќ и луѓето кои можат да направат промена – ве молам криминализирајте ги штетните содржини. Ве молам отстранете ги штетните содржини. Не ги сакаме. Си ги сакаме нашите деца назад.
Не сакаме да остануваме будни преплашени за менталното здравје на нашите деца.
И, до секоја млада личност која можеби слуша, која смета дека е заробена во нездрав свет – Те молам побарај помош. Нема ништо срамно во тоа да признаеш дека ти треба поддршка. Ќе ја добиеш, само побарај ја“.
Целиот говор на актерката можете да го слушнете во продолжение:
Спирова С. | Црнобело