Третата конференција НАУКА ЗА ДЕЦА со можност за следење онлајн

Во петок и сабота (18 и 19 октомври), во Интернационалното училиште НОВА, ќе се одржи третата конференција НАУКА ЗА ДЕЦА под мотото „Надгради ја твојата реалност“.

tretata-konferencija-nauka-za-deca-so-mozhnost-za-sledenje-onlajn01.JPG

Свеченото отворање на конференцијата е во петок (18 октомври) во 18:30 часот и целото ќе може да се следи онлајн, на Фејсбук страницата на НАУКА ЗА ДЕЦА. Во програмата влегуваат пет предавања на деца кои минатата година од Фондација КАНТАРОТ добија стипендии за извонреден научен потенцијал. Децата беа менторирани од наши научници кои работат низ целиот свет. Главен говорник е Бас Рокерс, професор на Универзитетот Њујорк во Абу Даби, кој е своевидна рок ѕвезда во светот на виртуелната реалност.

tretata-konferencija-nauka-za-deca-so-mozhnost-za-sledenje-onlajn-02.JPG

Во рамки на свеченото отворање ќе бидат доделени и нововостановената награда „Колега Стиков“ за најдобар млад презентер, во чест на доајенот на нашето спортско новинарство, Александар Стиков, и наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, која оваа година се доделува по вторпат.  

Вториот ден (19 октомври) ќе се одржат шест работилници за деца, на следниве теми: Капиларна активност + VR демонстрација, Електромотори + VR демонстрација и Француска наука со виртуелна реалност. Во текот на денот ќе биде поставена изложба на постери што НАУКА ЗА ДЕЦА ја подготви во соработка со Француски институт во Скопје. Изложбата произлегува од конкурсот за изработка на плакати на тема „Parlez-vous fran-sci?“, а за време на конференцијата ќе бидат доделени и наградите за шесте победнички постери.

„Многу сме среќни што оваа година, за првпат во Македонија, на нашата конференција НАУКА ЗА ДЕЦА сите деца ќе можат да ја почувствуваат моќта на виртуелната реалност за учење нови работи. Исто така, ќе ги видиме како говорници најталентираните деца кои минатата година добија стипендии, а ќе ги наградиме за талентот и креативноста и децата кои оваа година најмногу се истакнаа на нашите конкурси и натпревари“, вели Директорката на Фондација КАНТАРОТ, Драгана Стикова.

Целта на фондацијата КАНТАРОТ со организацијата на конференцијата НАУКА ЗА ДЕЦА, како и со сите други активности, е популаризација на науката кај децата. Фондацијата континуирано работи на негување на талентот кај децата и поттикнување на љубовта кон науката, како и на културата на донирање од заедницата за заедницата – начин на кој е финансиран и овој настан.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg