Јана Кољозова: „Во University College Utrecht ме привлече наставната програма и студентскиот град“

За матурантката во меѓународното училиште „Нова“, Јана Кољозова, главна причина поради која ќе го продолжи образованието на престижниот University College Utrecht е дека ќе може да студира во еден од најпознатите студентски градови во Европа и да се посвети во сферата која отсекогаш ја интересирала. Дополнително успеала да добие стипендија со која и се покриени 90 отсто од школарината, а воедно универзитетот ѝ нуди поинаква програма. 

jana-koljozova-vo-university-college-utrecht-me-privleche-nastavnata-programa-i-studentskiot-grad-01.jpg

- University College Utrecht е дел од главната институција на универзитетот во Утрехт (Utrecht University) каде на студентите им е дадена можност сами да си ја изградат својата наставна програма. На пример, покрај физиката, би можела да искомбинирам предмети и од други области, како што се хемијата и невронауката. Ова е одлична прилика за ученик кој е љубопитен и сака да проучува повеќе области, а и да развие холистички поглед кон светот – објаснува Јана.

Аплицираше и на различни факултети во Британија. На кои универзитети беше примена и зошто токму Холандија беше подобриот избор за тебе?

Во Британија бев примена на универзитетите во Единбург, Бримингем и Глазгов, но сепак решив да го продолжам моето образование во Холандија претежно поради практични причини, како стипендијата што ми беше доделена од University College Utrecht. Покрај тоа, ми се допадна тоа што Холандија е позната по својата отвореност кон големиот број меѓународни студенти. Позната е и по високиот квалитет на живот, својата безбедност и велосипедизмот кој е многу популарен. Ова ја прави идеално место за студенти. Не го одбрав универзитетот во Холандија поради неговиот престиж туку поради можностите кои им се понудени на студентите, отворајќи врати за нивниот професионален и социјален живот.

Заинтересирана си за СТЕМ. Можеш да ни кажеш повеќе за овој мултидисциплинарен пристап на учење и кои се најголемите придобивки од него кои ти ги имаш почувствувано?

Областите на СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика) играат клучна улога во решавањето на големи глобални предизвици. Денес, оние кои работат во СТЕМ областите мораат да го следат светoт на иновациите што постојано се развива и имаат потенцијал да го променат општеството. Покрај тоа што овие дисциплини ги подобруваат вештини како решавање на проблеми и критичко мислење, тие придонесуваат и за развојот на креативноста на една личност која му помага да осмисли решенија и да дојде до иновации. Исто така, решавањето на проблеми бара упорност и трпение. Оваа ментална дисциплина е корисна и во академскиот и во социјалниот живот. Јас лично сум ги забележала овие придобивки од овој мултидисциплинарен пристап на учење и би сакала да бидам дел од напредокот на науката и технологијата кој го подобрува квалитетот на живот.

jana-koljozova-vo-university-college-utrecht-me-privleche-nastavnata-programa-i-studentskiot-grad-02.jpg

Планираш да студираш физика. Како се пронајде во ова научно поле и кое работното место најмногу би сакала да го работиш по дипломирањето?

Физиката се занимава со потрагата по одговори на некои од најосновните прашања за природата, од најмалите честички до најголемите структури во вселената. Иако поголемиот дел од тоа е сè уште мистерија, со проучување на законите кои го управуваат универзумот можеме да добиеме одговор. Мене ме привлекува оваа област бидејќи сакам да разберам како функционира светот на најдлабоко ниво и сакам да го истражувам непознатото. По дипломирањето, би сакала да работам во истражување и развој. Се гледам себеси како истражувач кој работи на проекти кои ќе имаат позитивно влијание на човештвото, ќе го променат светот и ќе го подобрат нашето разбирање на универзумот. Физиката е толку разновидна, од астрофизика сè до медицинска физика, што не можам уште од сега да одберам само една нејзина гранка која ме интересира. Едноставно, би ме задоволило било кое работно место кое ќе ми овозможи да се запознавам со нејзините мистерии и да доаѓам до решенија на големи проблеми.

Процесот на аплицирање на овие универзитети трае со месеци. Можеш ли подетално да ни објасниш што треба да се помине за да се стигне до една престижна образовна институција како University College Utrecht?

Ја започнав апликацијата за University College Utrecht уште на есен, пишувајќи го мотивациското писмо од кое најмногу зависи одговорот на универзитетот. Во писмото, важно е да се покаже дека навистина имаш желба за проучување на конкретно поле и важно е да нагласиш што ја поттикнува таа желба, односно која ти е мотивацијата. Бидејќи University College Utrecht е изграден врз основа на американските универзитети, има многу сличен процес на аплицирање како и универзитетите во САД. Тоа значи дека покрај оценките, се вреднува и учеството во различни летни школи и вон-училишни активности кои треба да се наведат на посебен документ. Понатаму, треба да се испрати најмалку една препорака од професор, во мојот случај професорката по хемија и професорот по математика, кои ги опишуваа моите ставови кон учењето. Последниот дел од апликацијата беше интервјуто каде што разговарав со професорката по филозофија од University College Utrecht, а целта беше да се запознаат со моите особини и лични интереси.

Спомена дека при аплицирањето често се вреднуваат и вон-училишните активности. Што реализираше во годините минати во „Нова“?

Во текот на овие 4 години, бев дел од клубови во самото училиште, но одев и на летни школи и кампови. Во „Нова“, бев дел од женскиот одбојкарски тим, клубот за роботика и пливачкиот тим. Минатата година бев во научниот институт Петница во Србија каде учествував на семинар за хемија и напишав труд за идеални и реални гасови. Исто така, учествував на инетрнационалниот астрокамп за млади (International Astronomical Youth Camp) во Германија, каде работев на групно истражување во врска со микрометеори. Неколку пати бев и волонтер во Трисомија 21, здружението во Скопје кое им помага на лицата со Даунов синдром.

jana-koljozova-vo-university-college-utrecht-me-privleche-nastavnata-programa-i-studentskiot-grad-03.jpg

Низ твоите очи, каков беше образовниот процес во „Нова“? Зошто го одбра токму ова училиште и дали тоа ти помогна да стигнеш до универзитетите кои ги посакуваш?

Кога се запишував во средно училиште, ја одбав „Нова“ бидејќи има различен пристап кон учењето, следејќи ја Меѓународната Диплома (IB), и нуди едукација во интернационална средина. Професорите многу се ангажираат и воспоставуваат близок однос со учениците кој помага да се создаде чувство на припаѓање и заедница. Тие исто така ни нудат многу поддршка и веруваат во секој од нас. Според мене, професорите се оние што и даваат најмногу живот на „Нова“ и го прават училиштето подобро место. Во врска со апликациите за универзитети, најмногу ми помогна академскиот советник во училиштето која ни помагаше преку целите 4 години од нашето средно образование да си ги пронајдеме нашите интереси. Со нејзина помош изградив добро ученичко портфолио кое ми помогна да се запишам на University College Utrecht.

Каков е твојот план по дипломирањето? Дали би сакала да се вратиш во земјава или би сакала да го продолжиш патот во странство?

Би сакала да искусам живот на повеќе места од светот и да се запознаам со различни култури, тоа е и една од причините зошто сакам да студирам во странство. Исто така, мислам дека за областите што ме интересираат има многу институти надвор од нашата држава кои ќе ми ги отворат вратите во науката и иновацијата. Меѓутоа, Македонија секогаш ќе е мојот дом и верувам дека би се вратила во иднина откако ќе стекнам некое различно искуство во странство

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg