Александра Илиевска е прогласена за ‘Најдобар студент’ на Меѓународниот Балкански универзитет
- Детали
- петок, 21 јули 2023
Александра Илиевска е прогласена за најдобар студент на Меѓународниот Балкански универзитет (МБУ) во Скопје за Генерација 2023, личност која обожава да чита поезија, а студиите по политичките науки беа нејзин прв избор предизвикувајќи ја нејзината љубопитност и иницирајќи позитивни промени во општеството во кои и таа активно може да придонесе.
„Ги завршив моите додипломски студии на Политички науки и ја одбрав токму таа насока бидејќи бев љубопитна да ја разберам причинско-последичната врска на сè што ме опкружува, почнувајќи од најситните прашања, па сѐ до најголемите. Носејќи ги и верувајќи им на моите вредности, традиции и политички убедувања, сакав подлабоко да ја истражам нивната филозофска позадина и да стекнам разбирање за мноштвото идеологии што биле и се присутни денес. Најважно, цврсто верувам дека одговорноста за подобрување и на Македонија и на светот лежи во секој поединец. Да се чека другите да иницираат позитивна промена веќе не е остварлива опција. Наша должност е активно да придонесеме и да создадеме подобра средина за сите. Воедно и Аристотел ја сметал Политичката наука како „врховна наука“ бидејќи ја препознал нејзината вредност. Водејќи се од него, сфаќањето на моќта на политичките науки, не само што може, туку е и клучен начин преку кој може да се обликува светот на подобро”, вели Александра.
За признанието „Најдобар студент за Генерација 2023”, Александра Илиевска вели дека воопшто не ја очекувала оваа титула и за нејзе ова не значи дека е „најдобра“ од сите останати, напротив, секоја личност на свој начин е најдобра во одредено поле и токму тоа ќе ги исполнува доживотно.
„Воопшто не очекував. Едноставно верно ме интересираше тоа што го студирам, го правев тоа со љубов и постојано се трудев да бидам најдобра верзија од себе. И сѐ уште се трудам”, додава таа.
Запрашана кои се нејзините идни планови, сега откако заврши со додипломските студии, Александра вели:
„Моментално сум дел од неколку проекти, секако поврзани со политички науки. Еден од нив е поврзан со македонската историја, така што моментално тоа најмногу ме радува и возбудува. Не го напуштам Меѓународниот Балкански универзитет, што значи дека тука ќе ги продолжам моите магистерски студии, студирајќи Меѓународна политика. Сепак, се трудам да не планирам премногу, бидејќи, како што Џон Ленон во една пригода вели: „Животот е она што се случува додека сте премногу зафатени со правење други планови.”
Александра Илиевска како најдобар студент за генерацијата 2023 на Меѓународниот Балкански универзитет е пример и мотивација за идните дипломци на МБУ, кои покрај потребното знаење, ќе се стекнат и со дополнителни практични вештини, академска средина која нуди квалитетно високо образование и безрезервна поддршка од академскиот кадар.
„Омилено нешто од студиските години што секогаш ќе ми остане во сеќавање се разговорите и размената на мисли и идеи, не само меѓу студентите, туку и со професорите, асистентите и административниот персонал на Универзитетот. Тие докажаа дека се тука за нас и нѝ дадоа водечка рака во целиот процес на студирањето”, истакнува Александра.
МБУ е единствен универзитет во Северна Македонија со англиски јазик како официјален јазик на настава и комуникација и портфолио на студенти од повеќе од 20 земји во светот. Од вкупниот број студенти, околу 40 проценти се од Северна Македонија, додека 60 проценти се од други земји. Овој универзитет, уште од 2006-та година постои меѓу високо образовните институции во нашата земја и нуди квалитетно и пред сè, применливо образование. На универзитетот образовната дејност се врши преку 7 факултети со 18 додипломски програми кои нудат четиригодишно образование, односно 240 ЕКТС кредити и 11 постдипломски програми кои се во времетраење од една година, односно 60 ЕКТС кредити.