Што ќе се случи со нашата планета доколку Амазонската дождовна шума целосно изгори?
Секоја минута губиме по едно „фудбалско игралиште“ од Амазонската шума. Ова значи дека шумата се намалува премногу брзо.
Пожарите, сечењето на дрвата и глобалното затоплување веќе ја уништуваат шумата, а само оваа година во Бразил имало рекордни 74.000 пожари.
Изгледа дека белите дробови на планетата навистина се во опасност, но што би се случило доколку Амазонската шума исчезне целосно?
Ќе бидат уништени речиси половина од растенијата, животните и микроорганизмите на планетата
Амазонската шума е дом на 10% од животинските и растителните видови во светот. Овде има 40.000 видови растенија, 3.000 видови слатководни риби, над 370 видови влекачи и 2,5 милиони видови инсекти.
Според многу експерти, секојдневно губиме 137 видови животни, растенија и инсекти, односно околу 50.000 видови на годишно ниво.
Ќе се појават проблеми во фармацевтската индустрија
Модерната медицина речиси буквално зависи од разновидноста на Амазонската шума.
Моментално околу 120 лекови, вклучувајќи ги и оние за глауком, леукемија, срцеви заболувања и маларија, се прават со растенија од Амазонската шума.
Кога ќе се земе предвид дека досега е тестиран само 1% од растенијата во шумата за нивниот медицински потенцијал, би можеле да изгубиме многу потенцијални лекови за секакви болести.
Ќе има подолги суши и масивни поплави
Доколку се уништи Амазонската шума, дождовите околу регионот ќе намалат. Ова ќе предизвика дополнителна климатска промена и ќе резултира со подолги суши и многу поплави.
Овие последици ќе бидат почувствувани низ целата планета, бидејќи сушите и поплавите ќе го уништат животинскиот свет, ќе ја зголемат ерозијата и ќе придонесат во проширувањето на многу инфективни болести.
Ќе се ослободуваат 5 до 6 пати повеќе стакленички гасови
Дрвата и растенијата апсорбираат јаглероден диоксид. Кога дрвата од Амазонската шума ќе исчезнат, тоа значи ослободување на милијарди тони јаглерод кој претходно бил складиран во шумата.
Ова ќе има влијание врз квалитетот на воздухот и температурите, и со текот на времето ќе го забрза процесот на глобалното затоплување.
Ќе има помалку дождови, а сушата ќе ја уништи храната
Високите температури, долгите суши и честите поплави ќе имаат влијание и врз агрикултурата, водата и храната.
Намалената врнежливост ќе го зголеми бројот на штетници и инфекции. Покрај тоа, сушата значи дека ќе има помалку ресурси за одгледување растенија, со што ќе се намали залихата на храна.