Вселенски брод стигна до ИСС за само 6 часа
Рускиот вселенски брод за снабдување Прогрес во четвртокот се спои со Меѓународната вселенска станица ISS само шест часа откако беше лансиран од Бајконур, рускиот ракетодром во Казахстан, во рамките на испитувањето на новите начини за пристанување на ISS.
Досега на вселенските бродови лансирани од космодромот Бајконур им беа потребни два дена да стигнат и да пристанат до Меѓународната вселенска станица.
„Ова е првпат во историјата на постоењето на ISS брод за снабдување ‘Прогрес М-16М’ до станицата да успее да стаса за само шест часа“, изјави претставник на руската вселенска агенција Роскосмос, за агенцијата РИА Новости.
Со бродот биле довезени речиси 2,5 тони разни продукти, меѓу кои и гориво, кислород, вода и храна, се наведува во соопштението. На ISS во моментов се наоѓаат шест американски, руски и јапонски астронаути.
Ова беше втор обид за новата постапка за пристанување на Меѓународната вселенска станица, откако првото кон крајот на јули заврши без успех, а бил извршен шест минути пред предвидениот рок.
Како што претходно беше објавено, доколку следат неколку успешни пробни пристанувања на вселенски товарни бродови „Прогрес“, Роскосмос има намера да предложи и превезување на астронаути и туристи на ISS само за шест часа.
„Во пилотирачката космонаутика секогаш е така; во почетокот се потребни испитувања на сите технологии врз вселенските транспортни бродови. Доколку сегашниот шестчасовен пробен лет на ‘Прогрес М-16М’ се спроведе успешно и добиеме оправдување на новиот начин на пристанување, по серијата тестови можно е тој да биде искористен за брзо доставување на повеќе екипажи од астронаути на ISS со пилотирани вселенски бродови ‘„Сојуз’’, вели претставник на Роскосмос.
Според него, сегашниот лет до Меѓународната вселенска станица во траење од два, а понекогаш и три дена , е физички исцрпувачки за астронаутите.
Одговарајќи на прашањето зошто летовите коишто траат само шест часа и коишто очигледно имаат многу предности, не биле применети досега, претставник на рускиот Центар за управување со летовите одговорил дека „во советската ера имаше такви експерименти. Долетување и пристанувања за еден ден. Од различни причини тој начин своевремено не беше прифатен, па затоа за основа беше земена шемата на дводневниот лет“.
Објаснувајќи зошто шестчасавните летови до ISS претходно не биле користени, рускиот вселенски експерт вели дека за спојувањето со станицата треба да се создадат некои балистички услови.
„Што е пристанувањето? Ова е, всушност, впуштање во еден високо-брзински цел со висока точност. За тоа сигурно и безбедно да се изврши, ISS мора да се наоѓа на неопходната висина на орбитата во поволни услови од точката на балистичкиот фазен агол во однос на почетната точка. Ако овој агол е мал, до станицата, едноставно кажано, многу тешко може да се стаса. До неодамна на ISS летаа во средните орбити за потребите на NASA и бебзедно пристануваа американските шатели. Сега кога американските летала се ‘пензионирани’, се јавува можноста за зголемување на просечната височина на станицата од 350 на пример до 400 километри, која се покажува погодна за можноста за проширување на фазниот агол на пристанувањето за шест часа“, вели рускиот експерт.
Според него, применувањето од страна на Роскосмос на програмта за летовите со екипаж од шест часови, ќе има смисла тогаш кога успешно ќе бидат завршени сите прелиминарни тестови со „Прогрес“.
„Првиот тест го изведовме на првиот круг околу Земјата, со претходните бродови ‘Прогрес М-15М’", вториот обид со ‘Прогрес М-16М’, а можеби ќе биде потребен и трет. По тие тестови сите нијанси од нивното спроведување ќе бидат разгледувани и анализирани. Дури потоа може да се разработи предлог за можноста програмата за шестчасовен да се користи за испраќање на астронаути на Меѓународната вселенска станица. Пожелно е сите тестови на транспортерот ‘Прогрес’ да минат чисто, во спротивно ќе претстои одложување на донесувањето одлука за примена на таквата шема на летови за астронаутите на ISS“, заклучува рускиот експерт за вселенски летови.
03.07.2012 (Макфакс)