„Родени голи, сè друго е Суд и Бина“ – Васил Гарванлиев објави видео спот за новата песна „Судбина“
Додека сите сме во исчекување за евровизиската песна, за која уште нема никакви информации, нашиот претставник Васил Гарванлиев, објави видео спот за неговата нова песна Судбина.
Ова е негов најнов проект и воедно, носечка песна на албумот „СудБина”, албум кој според него е во завршна фаза и се работи со многу љубов.
„Дали е благослов или клетва тоа што го правиме? Прашање за кое сè уште ни јас немам одговор... Огромна благодарност до Филип Аврамчњв и Универзална сала што ни овозможија да снимиме (можеби и за последен пат), и воедно да го заокружиме патот од 3 децении од мојата прва сценска појава токму таму.“ – изјави Васил по објавувањето на песната.
Песната е направена во необичен стил, тој како и секогаш е уникатен и звучи одлично, а фановите во коментари гласаат оваа песна да оди на Евровизија.
„Музиката е на Александар Јовевски, текст на Давор Каракашев, видео на Ѓорѓи Вацев, кореографија на Ивана Балабанова и Битрикс, Методија Коцев направи прекрасни костими и стајлинг, Александар Миндев шминка, и овојпат приказната на спотот ја раскажав јас“ - додава Васил.
Инаку, Васил е повторно избран за наш претставник на Евровизија 2021, откако Евровизија 2020-та беше откажана заради пандемијата.
Погледнете го видео записот за неговата нова песна Судбина: