Најдобрите песни на Eye Cuе - нашите претставници на Евросонг 2018 година
За сите оние коишто се зачудија кој е бендот кој оваа година ќе нè претставува на изборот за најдобра песна на Евровизија во Лисабон, еве неколку интересни податоци преку кои подобро ќе ги запознаете македонските претставници:
Eye Cue (Ај Кју) се оформени во јануари, 2001 година. На македонската клупска и музичка сцена постојат веќе 17 години.
Првиот спот на Eye Cue беше изработен за песната Магија, издадена во 2007 година, по што следуваше и деби-албумот Superstar Wannabe, од кој произлегоа уште 4 успешни видео записи за песните Superstar Wannabe, Glowing Lips, Not This Time, а подоцна и за Не лути се човече.
Оригиналниот состав на Eye Cue вклучува 4 членови: Бојан Трајковски, Иван Сариевски – Саре, Иво Митковски и Искра Србиновска.
Можеби многумина веќе го знаат податокот дека Иван Сариевски – Саре му е внук на легендарниот Александар Сариевски, па на шега бендот бил запрашан зошто не го одбрале името „Зајди зајди јасно сонце“ наместо постоечкото Eye Cue.
Првиот женски вокал на Eye Cue, Искра Србиновска, пеела и на изборот на М2. Претходно во групата биле тапанарите Бранко Гусич и Бојан Перевски. Бојан и Искра биле другари од маало и успеале да се спојат со Иво Митковски и Иван Сариевски – Саре (претходни членови на бендот Мејлбокс).
По заминувањето на Искра Србиновска, во групата доаѓа новиот женски вокал, Леана Таќи – Леа, еднa од најдобрите македонски женски вокали. Леа е ќерка на Гранит Таќи, вокалот на култниот бенд Лева патика.
Во периодот кога Леа е женскиот вокал во Eye Cue, бендот ја преработи песната на Капиоли „Не заборавај“ која доживеа огромен успех со одличниот видеозапис. Групата ги собра сите пофалби за изведбата и преработката.
Иван Сариевски – Саре си заминува од бендот, а нешто подоцна и Леа го остава микрофонот во Eye Cue за да се посвети на други музички проекти.
Конечно, во 2013 година, 15-годишната Марија Ивановска станува член на групата која функционира во следниот состав денес: Бојан, Марија и Иво.
Публиката ја запозна и слушна Марија со преработката на големиот детски хит „Боби, баш ми е гајле“.
Тројцата ќе ја претставуваат Македонија оваа година во Лисабон, на изборот за најдобра песна на Евровизија во мај, со песната Lost and Found која беше промовирана на 11 март 2018 година.
Слушнете ги најдобрите песни на Eye Cue од почетокот на нивното основање па сè до денес: