Слушнете ја новата песна на Dimish – млад талентиран скопјанец кој прави музика од својата соба (видео)
Dimish е 21-годишен артист од Скопје кој сам, во својата соба прави, снима и продуцира музика. Неодамна, тој издаде нова песна насловена „Знаеш ли“.
фото: Стефан Рајхл
Dimish е соло проект кој постои од 2019-та година.
Младиот артист вели дека целта на овој проект е да помогне на што повеќе луѓе во тешки денови, бидејќи темите за коишто пишува се претежно социјални, од секојдневниот живот, за луѓето да се пронајдат во нив.
Тoј црпи инспирација од она што го гледа, слуша и чувствува секој ден, како и она што другите луѓе му го кажуваат.
Неговата музика варира – од панк-рок, пост-панк, панк, гранџ до алтернативен рок.
Досега младиот скопјанец има издадено шест сингла, една соработка, два инструментални албума, како и четири проширени изданија (ЕП).
Неговото петто проширено издание (ЕП) се вика 11.5: spero и излегува на 14-ти јули.
Dimish е активен на музичката сцена од 2016-та година. На почетокот свирел тапани во неговиот треш-метал бенд Conspiracy. Моментално тој е тапанар во бендот Red18.
Првиот настап како Dimish го имал на 28 август 2022 година на фестивалот KickFlip.
Оттогаш, талентираниот артист има настапувано на многу места, заедно со Лука, Аце и Захар – дечките благодарение на кои настапите во живо звучат моќно и изгледаат енергично.
фото: Стефан Рајхл
На 8-ми јули, Dimish објави нова песна насловена „Знаеш ли?“
„Оваа песна ми е особена драга бидејќи се разликува од сите други песни, најпрво по стилот на музиката, и по пораката. Оваа песна е мотивациона и немам некоја посебна инспирација. Слушам што ми кажуваат другите луѓе и сигурно некој ми кажал дека минува низ тежок период или, едноставно, сум забележал дека тоа се случува кај повеќе луѓе и сум добил некоја идеја за оваа песна. Се надевам дека ќе им помогне на луѓето со ниска самодоверба“, вели Dimish за новата песна.
„Не сте сами, сум бил и јас на ваше место, па и до ден-денес сум, затоа верувајте во себе, можете сè!“
Слушнете ја новата песна на Dimish:
;