Книги со кои есента ќе ви започне совршено
Време е за возбудливи наслови, а есента како следното годишно време на прагот е одлична за започнување нови, добри навики.
Зошто читањето книги не би била една од нив? Доколку се двоумите што да започнете да читате за вас имаме 3 сјајни предлози од кои одвај ќе направите пауза:
Бруклин - Колм Тојбин
Елис живее во Ирска, но не може да најде работа во својата земја. Во текот на ’50-тите години таа се сели во Бруклин, Њујорк, без семејството и пријателите, во потрагата по подобар живот во „ветената“ земја.
Во Америка таа наоѓа работа, но носталгијата за домот постојано расте. Еден ден го запознава Тони и тие се вљубуваат. Сепак, доаѓа моментот кога Елис мора да одбере – минатото или иднината, Ирска или САД.
Апартман во Париз - Гијом Мисо
Медлин изнајмува мало, скриенo ателје во Париз, за да ужива во самотијата и да пронајде малку мир после љубовната криза и серијата нерешени случаи. Набрзо ѝ се придружува Гаспар, писател и мизантроп, којшто доаѓа во Париз за да пишува во тишина.
Ателјето му припаѓало на славниот сликар Шон Лоренц кој пред смртта оставил зад себе три слики, што се водат како исчезнати. Фасцинирани од неговата генијалност и заинтригирани од тажната судбина на сликарот, Медлин и Гаспар одлучуваат да ги здружат силите за да ги пронајдат изгубените слики.
Макбет – Ју Несбе
Безвременоста на Шекспировото дело е прикажана во духот на криминалистичкиот жанр низ брилијантниот наратив на Несбе.
Дејствието се одвива во Шкотска во текот на ’70-тите години и нè носи во превртливиот, суров свет на казината, криминалот и нарко-пазарот, следејќи ја борбата на полицијата против трговијата со дрога.
Луѓето и понатаму се бескрупулозни, подготвени да пролеат туѓа крв за да се дограбат до власт и моќ. Практично ништо не се сменило од времето на шекспировиот Макбет…
(О)Милена | Црнобело