3 книги кои ќе ве инспирираат и натераат да патувате
Понекогаш нечија приказна знае да нè инспирира, да нè натера да станеме од удобните каучи и да се препуштиме на нови доживувања.
Многу често, книгите ја имаат таа моќ да нè поместат од една до друга точка, истовремено давајќи ни до знаење дека промените што ќе се случат, засекогаш ќе останат дел од нас.
Во продолжение следува листа на книжевни четива, чии приказни не само што ќе ви овозможат да се нурнете во туѓи искуства, туку во вас ќе вродат посебна потреба да се дејствува тука и сега.
Во дивината – Џон Кракауер
Можеби голем дел од вас веќе ја имаат читано, но приказната за Кристофер Мекендлс заслужува да биде на врвот од оваа листа.
По дипломирање на колеџ, 22-годишното момче решава да го напушти животот исполнет со удобност и привилегија и оди во дивина, во потрага по авантура, но пред сè трага по себеси.
Оваа херојска авантура на Мекендлс претставува симбол на издржливост и на виделина ги поставува границите помеѓу човекот и природата.
На пат – Џек Керуак
За многумина оваа книга претставува ода за радост на самото постоење. Или како што историјата пишува дека „На пат“ е ремек-делото на Керуак и еден од најсилните романи на 20 век.
Ова е автобиографски роман, кој раскажува за животот на бит-генерацијата и младешкото одушевување на животот.
Патувањето на еден слон – Жозе Сарамаго
Оваа волшебна приказна проткаена со мудрост е за сите оние кои трагаат по одговори поврзани со пријателство и за минливоста на славата.
Приказната започнува од моментот кога во 1551 година португалскиот крал Жоао III решава на австрискиот надвојвода Максимилијан да му прати невообичаен свадбен подарок, а тоа е слонот Соломон.
Од тука почнуваат доживувањата на оваа сказна богата со прониклива иронија и емпатија и духовни размислувања за човековата природа.
Автор: Е. Х. | Црнобело