Ен Хатавеј, Хит Леџер – познати актери кои добија Оскар за само неколку минути глума во филмот
Ен Хатавеј освои Оскар за најдобра женска споредна улога со изведбата во Les Miserables која траеше едвај 15 минути.
Оскарот е најпрестижната филмска награда за која сонува секој актер, а оние кои се закитиле со наградата или имале главна улога, или биле присутни во повеќето сцени од филмот.
Сепак, дел од врвните холивудски актери се толку добри, што им требаат само неколку минути да го убедат жирито дека тие ја заслужуваат златната статуетка.
Погледнете кои актери имаат освено Оскар за само неколку минути во филм:
Ен Хатавеј – Les Miserables (2012)
Ен Хатавеј доби Оскар за најдобра женска споредна улога за филмот Les Miserables.
Филмот е долг 2 и пол часа, а Ен Хатавеј се појавува на екранот едвај 15 минути.
Ентони Хопкинс – The Silence of the Lambs (1991)
Легендарниот актер освои Оскар за улогата во The Silence of the Lambs каде што го глуми морничавиот сериски убиец Ханибал Лектор.
Бидејќи во филмот неговиот лик е само еден вид консултант во потрагата по друг сериски убиец, Ентони се појавува на екранот околу 17 минути.
Но, за актер како него, и ова е доволно за да покаже дека Оскарот е дефинитивно заслужен.
Никол Кидман – The Hours (2002)
Во филмот од 2002 година, Никол се појавува рамо до рамо со уште две одлични актерки – Мерил Стрип и Џулијан Мур.
Актерката се појавува во филмот помалку од половина час, а оваа улога ѝ донесе Оскар за најдобра актерка.
Алан Аркин – Little Miss Sunshine (2006)
Little Miss Sunshine е одлична драма, а дефинитивно највпечатлив е ликот на Алан Аркин, кој глуми дедо со многу лош речник и зависност од хероин.
Со само 14 минути во филмот, Алан Аркин ги освои и публиката и критичарите, за на крај да го освои и Оскарот.
Ким Бесинџер – L.A. Confidential (1997)
Ким Бесинџер речиси ќе ја одбиела оваа улога бидејќи ѝ било преку глава од женски ликови чиј главен адут е нивниот изглед.
На крај ја убедиле да ја прифати улогата, па ја гледаме во филмот 15-тина минути. Оваа изведба ѝ донесе Оскар за најдобра споредна женска улога.
Џуди Денч – Shakespeare in Love (1998)
Единствената Џуди Денч освои Оскар за улогата во Shakespeare in Love каде што ја глуми кралицата Елизабета Прва.
Во филмот, Џуди има само три сцени кои траат вкупно осум минути.
Џаред Лето – Dallas Buyers Club (2014)
Во Dallas Buyers Club, Џаред Лето глуми трансвестит кој е болен од СИДА. Актерот вистински ѝ се посветил на улогата и сигурно не би го препознале, па Оскарот дефинитивно му е заслужен.
Во целиот филм, тој се појавува околу 20 минути.
Хит Леџер – The Dark Knight (2008)
Хит Леџер ќе остане запомнет како еден од најдобрите Џокери во филмовите за Бетмен.
Иако ова е неговата улога за која се зборува најчесто, во филмот кој трае два и пол часа, тој се појавува нешто повеќе од половина час.
Актерот освои Оскар за изведбата, кој му беше доделен постхумно.
Спирова С. | Црнобело