„Патрик ги тероризираше колегите, Елен доби 5 милиони за да молчи за тоа“ – нови детали за скандалите во Grey’s Anatomy
Патрик Демпси го „тероризирал“ сетот на Grey’s Anatomy до тој степен, што креаторката на серијата се заканила дека ќе си даде отказ ако не го избркаат, а колешката Елен Помпео добила 5 милиони евра „под маса“ за да молчи за целата ситуација.
Патрик Демпси, кој беше најголемата ѕвезда во „Вовед во анатомија“, ја изненади јавноста кога најави дека ја напушта серијата во 2015 година.
Постоеја многу гласини за причината за оваа одлука, а по сè изгледа дека најголемиот проблем било неговото однесување на сетот.
Деновиве, еден од поранешните колеги на Патрик – Исаја Вашингтон, кој го глумеше доктор Бурк во серијата, изјави дека однесувањето на актерот било многу токсично, но и дека колешката Елен Помпео добила 5 милиони долари за да не зборува за тоа.
„Имаше агенда да се прикрие токсичното и лошото однесување за многу од поранешните актери во серијата… а на врвот на таа листа би бил Патрик Демпси“.
Двајцата актери имале многу несогласувања на сетот, пред Исаја да си замине од серијата во 2007 година. Според него, најголем проблем претставувале нивните плати.
„Јас бев најплатениот актер во серијата веднаш по Патрик Демпси. Очигледно, тој дознал за тоа, па имаше многу негативност.
Го разбирам, но мојата плата беше одредена според моите претходни улоги и моето резиме. Не можам да му помогнам таму. А, никој не сакаше Патрик да биде во серијата“.
Според Исаја, Патрик се покажал во лошо светло уште на првиот ден. Наводно, додека се подготвувале да читаат сцена, Патрик влегол во просторијата и покажувајќи кон Исаја само рекол: „Што бара овој овде?“
„Еднаш додека разговаравме ми рече: ’Исаја, знаеш ли дека белите мажи се господари на универзумот?‘“, вели актерот истакнувајќи дека Патрик знаел да дофрла и расистички коментари.
Наводно, со текот на времето однесувањето на Патрик само се влошувало, а Исаја зборува и за инцидент од 2006 година:
„Тој понеделник Патрик доцнеше. Наместо да се извини, застана пред мене и трипати ме нападна. Физички. Направив она што морав да направам и го избркав надвор“.
Покрај тврдењата дека колешката Елен Помпео зела 5 милиони долари „под маса“ за да молчи за однесувањето на Патрик, Исаја вели дека и таа имала проблеми со односот кон другите.
„Не можеше да поверува дека гледачите беа позаинтересирани за мене и Сандра (Кристина во серијата) и сите останати отколку за неа (Мередит)“.
Во септември годинава беше издадена книга насловена How to Save a Life: The Inside Story of Grey’s Anatomy, во која авторката Линет Рајс открива детали од снимањето.
И во книгата е спомнато токсичното однесување на Патрик.
„Имаше проблеми. Патрик го тероризираше сетот. Имаше моќ бидејќи знаеше дека можеше да го запре снимањето и да ги исплаши луѓето.
Мислам дека повеќе не му се работеше на серијата. Не сакаше секој ден да доаѓа и да работи. Со Шонда (креаторката на серијата) постојано се расправаа“, гласи изјавата за книгата на еден од продуцентите.
Друг продуцент зборува за односот на Патрик и Елен:
„Имаше моменти кога Елен беше многу фрустрирана и гневна бидејќи Патрик не работеше. Елен сакаше сè да биде фер.
Воопшто не ѝ се допаѓаше кога Патрик се жалеше за работните часови, кога Елен имаше двапати повеќе сцени за снимање од него. Се однесуваше како дете“.
Пред да биде издадена книгата, Патрик направи интервју во врска со неа и призна дека не секогаш го почитувал распоредот за снимање:
„Снимањето е 10 месеци, 15 часа дневно. Никогаш не си го знаете распоредот, па кога детето ќе ве праша дали работите во понеделник, му велите 'Не знам' бидејќи не си го знаете распоредот.
Не е лесно 11 години да го правиш тоа. Но, мора да бидеш благодарен бидејќи си направил компромис, па нема што да се жалиш.
Беше тешко да одбијам толкава сума пари. Како да кажеш „не“ на тоа? Одлично е да се работи како актер, уште повеќе за серија што ја гледаат сите.
Има многу работа и не сакаш да си одиш, бидејќи не знаеш дали повторно ќе најдеш работа и ќе бидеш успешен“.
Според книгата, креаторката Шонда Рајмс побарала Патрик да биде избркан кога настанал конфликт помеѓу нив.
„Шонда ѝ рече на телевизијата: ’Ако не си оди тој, ќе си одам јас‘. Тогаш не сакаа Патрик да си оди бидејќи тој беше главното шоу. Тој и Елен. А тоа може да направи проблеми со бизнисот“.
Телевизијата сепак ја послушала желбата на Шонда, па Патрик ја напушти серијата, а неговиот лик беше убиен.
„Немаше друг начин да си замине од серијата освен смрт. Тој и Мередит беа многу поврзан пар. Ќе немаше смисла ако ја напуштеше туку така“, вели поранешна продуцентка на серијата.
Сепак, минатата година Патрик ги изненади фановите со кратко појавување во епизода од 17-тата сезона, во сцена која е всушност сон на Мередит - ликот на Елен Помпео.
Спирова С. | Црнобело