Кристен Стјуарт е копија на Дијана на сетот на новиот филм за принцезата (фото)
Неделава Кристен Стјуарт е во Германија, каде што го снима новиот филм за принцезата Дијана, а папараците ја уловија завреме на пауза. 30-годишната актерка ќе ја глуми Дијана во филмот Spencer, и иако на почетокот многу фанови негодуваа, сега станува очигледно дека таа е вистинскиот избор за улогата.
На најновите фотки од сетот Кристен носи кариран капут, сличен како оној што го носеше Дијана во 1989-та, и изгледа речиси идентично како принцезата.
Новиот филм ќе се фокусира на периодот околу разводот на Дијана и принцот Чарлс. Според гласините, дејството ќе ги опфаќа последните денови на Дијана со Чарлс, вклучувајќи го и нејзиниот последен Божиќ со кралското семејство.
Сценариото е напишано од Стивен Најт, кој е сценарист и на хит-серијата Peaky Blinders и, според него, ќе бидат прикажани моментите кога принцезата сфаќа дека мора да се оттргне од тој живот.
Сепак, минатиот месец неколку експерти за британското кралско семејство изјавија дека филмот нема да биде историски точен, бидејќи вклучува и собир на кралското семејство на имотот Sandringham кој наводно никогаш не се случил. Според неколку кралски биографи, Дијана веќе престанала да го посетува имотот во периодот кога е сместено дејството на филмот.
„Филмот сугерира дека Дијана тука ја донела одлуката за развод, но таа никогаш не ја донела таа одлука. Мислам дека го нема посетено имотот после 1990-та, а дејството на филмот се одвива во 1991-ва“, вели еден од нив.
Режисерот Пабло Лараин изјави дека драмата нема да се фокусира на трагичната смрт на принцезата, туку на нејзината врска со кралското семејство, како и нејзината љубов кон принцовите Вилијам и Хари.
„Решивме да направиме приказна за идентитетот, за тоа како една жена одлучува да не биде кралица. Таа е жена која, за време на нејзиното патување, одлучува и сфаќа дека сака да биде жената која била пред да го запознае Чарлс“.
Како што напоменавме, изборот Кристен Стјуарт да ја глуми Дијана беше критикуван, но кога се појави првата фотка од неа облечена како принцезата, повеќето луѓе си го променија мислењето.
Режисерот, пак, смета дека Кристен е најдобриот избор:
„Таа е една од најдобрите актерки на денешницата. Таа може да биде многу нешта – може да биде мистериозна и многу ранлива во исто време, а токму тоа ни треба. Комбинацијата на овие елементи ме натера да помислам на неа. Прекрасно е да се гледа како му пријадува на ликот. Мислам дека резултатот ќе биде неверојатен“.
Минатата година и Кристен прозборе за нејзината нова улога, изјавувајќи дека е возбудена, но и нервозна:
„Учењето на нејзиниот акцент ми е најтешко бидејќи луѓето го знаат нејзиниот глас, тој е толку популарен и уникатен. Веќе работам на тоа. Кога станува збор за истражувања, досега прочитав две и пол биографии и ќе завршам со сите пред да почнеме со снимањето. Ова е една од најтажните приказни на сите времиња, и не сакам само да ја глумам Дијана – сакам и добро да ја запознаам“.
Спирова С. | Црнобело