По скандалозното судење со Амбер Херд и принудниот отказ од Fantastic Beasts, улогата на Џони Деп ја презема Мадс Микелсен
Џони Деп мораше да даде отказ од Warner Bros. после скандалозното судењето со „бившата“ Амбер Херд, а сега од студиото потврдија дека ја нашле неговата замена за филмскиот серијал Fantastic Beasts - данскиот актер Мадс Микелсен.
Пред неполн месец, Џони Деп изјави дека се повлекува од Fantastic Beasts, по наредба од Warner Bros. поради судењето со поранешната сопруга Амбер Херд.
Актерот беше обвинет за домашно насилство, а на последното судење беше донесена пресуда во корист на Амбер. Иако многу фанови и славни личности стојат на страната на актерот и сметаат дека е неправилно осуден, најмногу бидејќи има многу докази дека и Амбер била насилна, од Warner Bros. решија да му ја одземат улогата на Деп.
Во меѓувреме, Амбер Херд сепак останува во актерската екипа на Aquaman, кој е проект на истото студио.
Досега се издадени два филма од франшизата Fantastic Beasts, а за третиот Џони веќе снимил една сцена. Поради ова, студиото ќе мора да му ја исплати целата сума на актерот, и покрај тоа што нема да ја искористат оваа сцена.
Во претходниот филм Џони Деп го глумеше злобниот волшебник Гринделвалд, а од студиото веќе нашле негова замена за третото продолжение – данскиот актер Мадс Микелсен.
Фановите на франшизата се надеваа дека улогата ќе му припадне на Колин Фарел, кој го глумеше Гринделвалд во првиот дел од филмот. Односно, Фарел глумеше друг лик, за кој на крајот се дозна дека всушност е Гринделвалд.
Поради ова, многумина се надеваа дека ќе ја репризира улогата. Но, моментално Колин Фарел го снима The Batman, па дури и да му ја понуделе улогата, веројатно ќе одбиел.
Мадс Микелсен е одличен актер од Данска кој дури неодамна почна да се прославува на холивудската сцена. 54-годишниот актер се има појавено во филмовите Casino Royale, Rogue One: A Star Wars Story и Doctor Strange, а доста познат е и по улогата во серијата Hannibal, каде што го глуми озлогласениот сериски убиец Ханибал Лектор.
Првиот филм од трилогијата Fantastic Beasts е инспириран од книгата на Џ. К. Роулинг - Fantastic Beasts and Where to Find Them, а дејството е сместено неколку децении пред настаните во серијалот Harry Potter.
Второто продолжение, насловено The Crimes of Grindelwald, беше издадено во 2018-та, а третиот дел се очекува дури во 2022 година.
Спирова С. | Црнобело