Заврши снимањето на краткиот игран филм „Обичната Ели“
Заврши снимањето на „Обичната Ели“, дебитантски краткометражен игран филм по сценарио и режија на Лавинија Софрониевска, а во продукција на Минимал колектив.
Во четири дена екипата на филмот на неколку локации во Скопје ја заокружи приказната која претставува кратка и стилизирана паралела помеѓу луѓето кои се безгласни букви во секојдневието и рибите кои ја отвораат и затвораат устата и живеат затворени во аквариум. Филмот ја следи битката на Ели со стравот и светот околу неа.
Главната улога ја толкува Изабела Новотни. Продуцент на филмот е Ивана Шекуткоска, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Симо Бранов, костимограф Жаклина Крстевска, а шминката е на Жанета Димитриевска. Дел од сценографијата беа и дела на светски наградуваниот уметник Синиша Кашавелски, како и инсталации на уметницата Весна Стефановска.
Филмот е финансиски поддржан од Агенција за филм на Република Северна Македонија. Продукцијата изразува голема благодарност до целата екипа и до сите кои го помогнаа снимањето на филмот. Голема благодарност и до Еурофарм, кои помогна во реализација на овој проект и придонесоа за безбедно снимање во време на пандемија.