10 одлични „stop motion“ филмови кои вреди да ги изгледате
Stop motion е една од најмакотрпните техники за правење филмови, а крајниот резултат е волшебен и неспоредлив.
За правењето на овие филмови се користат физички модели и кукли кои се поместуваат суптилно, па се фотографираат, така што се добива илузија на движење. Ова значи дека секоја сцена или рамка (frame) во филмот е посебна фотографија. Крајниот резултат е уникатен „рачно“ направен филм, со ефекти кои не би ги постигнале на друг начин.
Во продолжение погледнете дел од најдобрите филмови направени со оваа забавна техника:
The Nightmare Before Christmas
Ова е филм за кој фановите велат дека е одличен и за Ноќта на вештерките, но и за Божиќ.
Главниот лик е Џек Скелингтон, кој живее во градот Хелоувин (Ноќта на вештерките), и еден ден открива портал кој го носи до „Божиќниот“ град. Тогаш Џек одлучува да го присвои Божиќ и да го направи свој празник.
Приказната е дело на познатиот Тим Бартон, а филмот си доби и номинација за Оскар за најдобри визуелни ефекти.
Corpse Bride
Повторно филм на кој работел Бартон, но овојпат како режисер.
Главниот лик, Виктор Ван Дорт, оди во шумата за да се подготви за неговата венчавка. Тогаш, сосем случајно го става прстенот на невеста од подземјето, ја „оживува“, па сега мора да оди со неа за да си ја исполни обврската како сопруг.
Додека е во подземјето, на Виктор му станува јасно дека сепак ја сака жената со која треба да се венча, па бара начин да се врати во својот свет.
Coraline
Филмот е направен според истоимената книга од Нил Гајман и раскажува за девојчето Коралин.
Коралин и нејзините родители се вселуваат во нова куќа, а додека ја истражува, таа наоѓа мала врата. Вратата, пак, е еден вид портал до свет кој е како подобра верзија од нејзиниот – нејзините родители постојано се дома, мајка ѝ секогаш прави ручек, сите се среќни … Но, набрзо Коралин сфаќа дека во овој идиличен свет, нештата се далеку од совршени.
Frankenweenie
Тим Бартон е можеби најдобриот stop motion режисер, па на листава ќе најдете неколку филмови од него, вклучувајќи го и овој.
Филмот раскажува за момчето Виктор, чие куче, Спарки, умира. Виктор сака да го врати својот пријател во живот и користејќи електрична струја, успева во тоа.
Филмот е инспириран од познатата новела на Мери Шели – Франкенштајн, и има добиено номинација за Оскар, Златен глобус и Бафта.
ParaNorman
Градот во којшто живее главниот лик Норман одеднаш се соочува со зомбија. Набрзо, Норман сфаќа дека тој е единствениот што може да го спаси, бидејќи може да зборува со овие суштества од подземјето.
Ова е уште еден филм од листава што има номинација за Оскар.