Кијану Ривс се враќа во Матрикс 4: Сите детали за новото продолжение
Веќе е официјално, во четвртиот дел од Матрикс, Киану Ривс повторно ќе се појави во главната улога, заедно со Кери-Ен Мос.
Подгответе се за црвеното апче, бидејќи корежисерот на претходните Матрикс филмови ќе го напише и режира новото продолжение на франшизата.
Ворнер Брос го најавија новото продолжение на Матрикс и иако сè уште немаат детали во врска со заплетот, она што е најважно е дека Лана Ваховски се враќа на режисерското столче, а продукцијата на филмот се очекува да започне во 2020 година.
„Многу од идеите коишто ги истражував пред 20 години во врска со нашата реалност, сега се уште порелевантни. Многу сум среќна што повторно ќе ги имам овие карактери во мојот живот и ќе имам уште една шанса да работам со моите брилијантни пријатели.“ – изјави Ваховски.
Со оглед на судбината на двата карактери во претходниот дел, за продолжението ќе треба да се смисли паметен начин да се инкорпорираат Нео и Тринити во приказната, но ова не би требало да биде претешко знаејќи дека серијалот во голема мера се потпираше на мистика и пресврти во заплетот.
Засега нема официјален датум за премиерата филмот, но и оваа вест е доволна за да се разбуди фантазијата на обожавателите.
(О)Милена | Црнобело