Борко Ристовски за татковството: „Маж што никогаш не сменил пелена на детето или не му спремил млеко - ја нема мојата почит“
- Детали
- недела, 26 март 2023
„Маж кој никогаш не сменил пелена, не направил млеко за своето чедо, едноставно не се грижел за своите деца, од мене тој маж не добива почит. Едноставно, самата љубов кон децата ве тера да сакате да ги правите тие работи. Е сега, колку добро ги менувате пелените е сосема друго прашање“, вели за CRNOBELO.com голманот на „Вардар“, Борко Ристовски и првпат во интервју зборува искрено за татковството.
Ракометниот голман Борко Ристовски неодамна го доби второто дете. Тој и неговата сопруга Нина ја добија ќерката Анастасија, која се роди скоро пет години по раѓањето на нивното прво дете, синот Душан.
Со две мали деца дома, момче и девојче, Борко вели дека му е забавно, иако им се случува хаос.
И покрај тоа, не му е тешко да ѝ помогне на сопругата околу воспитувањето и одгледувањето на децата. Со Душан често оди во парк, на Водно, го води во кино, но знае да смени и пелена ако треба.
Прочитајте што открива Борко Ристовски за татковството, во интервју за CRNOBELO.com...
Се сеќаваш ли на моментот кога првпат ги виде децата по нивното раѓање? Какво беше чувството?
Како би можел да не се сеќавам на најубавиот момент во мојот живот? Иако морам да признаам дека кога се роди Душан, при нашата прва средба бев малку збунет.
Едноставно, тоа сè беше ново за мене и одеднаш во рацете држите бебе кое несвесно ви го менува животот од корен.
Меѓутоа, од друга страна, тоа е чувство кое не може да се опише. Повеќе не сте вие најважниот човек на светот, туку тоа се вашите деца.
Се смени ли тоа чувство низ годините? Дали и за тебе важи она дека љубовта на таткото расте од ден на ден?
Чувството не може и нема никогаш да се промени. Меѓутоа љубовта од ден на ден се зголемува и секој нов ден е нова приказна со нив двајца, нови спомени, ново делење на заедничките моменти кои се најважното нешто во животот.
Колку ѝ помагаш на Нина во обврските со децата, да се избањаат, преоблечат? Си менувал ли некогаш пелени? Си станувал ли ноќе за да ги заспиеш, нахраниш?
Морам да признаам дека Нина е таа која што ги има поголемиот дел од обврските околу Анастасија, па и Душан кога беше бебе. Но, маж кој никогаш не сменил пелена, не направил млеко за своето чедо, едноставно не се грижел за своите деца, од мене тој маж не добива почит.
Едноставно, самата љубов кон децата ве тера да сакате да ги правите тие работи. Е сега, колку добро ги менувате пелените е сосема друго прашање.
Како е сега дома со две мали деца?
Уффф, сега по дома е доста интересно и секогаш има гужва. Јас тоа го нарекувам контролиран хаос.
Како сакаш да го минуваш времето со Душан? Си го носел ли некогаш сам во парк, во зоолошка, па дури и во кафуле на сокче?
Обврските околу Душан и пред да се роди Анастасија ни беа поделени со Нина. Јас најчесто го носам во градинка, јас сум тој што го зема од градинка, многу често одиме заедно во парк, кино...
Попладневниот дел од денот е посветен за Душан и се трудиме секогаш да биде со некаква активност надвор во природа. Многу често знаеме да отидеме на Водно. Меѓутоа се трудиме што повеќе да бидеме заедно.
Колку е всушност голем предизвикот да се биде добар татко?
Во денешно време и во овој хаос во кој живееме е сè потешко да се остане нормален, а камо ли добар татко.
На темава морам да признаам дека сум доста осетлив и е сензитивна за мене од причина што сум поборник меѓу децата и родителите навистина да постои некоја посебна конекција. Однос којшто мора да се гради уште од мали години.
Јас се трудам со Душан да градам однос на меѓусебна доверба.
Сакам уште од мал да го има тоа чувство дека јас, односно ние, сме и ќе бидеме секогаш тука за него.
Така што, моето мислење на темава е и порака до сите родители: поминувајте повеќе време со вашите деца, трудете се навистина да разговарате со нив, иако можеби имаат 3, 4, 5 години.
Оставете го давањето мобилни телефони за да купите мир за себе, затоа што децата единствено го сакаат вашето внимание.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





