Александра Шијакоска со емотивна објава 1 година по страшната дијагноза: „Полнев 29 години. Не сум станала ни сопруга ни мајка“
- Детали
- четврток, 16 февруари 2023
„Јас преживеав, а знам дека многу не успеале. Сигурно има уште нешто што треба да го завршам на овој свет. Тука сум да откријам што е тоа“, пишува инфлуенсерката Александра Шијакоска за најлошиот ден од нејзиниот живот – денот кога ја добила дијагнозата за тумор на мозокот, пред една година.
Пред една година, македонската инфлуенсерка Александра Шијакоска доби дијагноза што засекогаш ѝ го промени животот. На само 29 години, таа мораше да прави ризична операција за тумор на мозокот.
Подоцна откри дека многу работи се искомплицирале – наместо еден, ѝ биле направени три оперативни зафати на главата и останала во болница цел месец.
Младата инфлуенсерка ја доби најголемата битка во својот живот, а сега се потсетува на мрачниот период пред точно една година, кога ја добила дијагнозата.
Најпрво, на Инстаграм Стори, таа сподели фотка со саканиот Едмонд и му се заблагодарува што бил овде за неа во најтешките мигови.
„Денес бил многу важен момент за нас, а јас сум заборавила. Точно една година од најлошиот ден во нашиот живот“, пишува на фотката.
Во други објави на Инстаграм Стори, таа се присетува на бурата од емоции што ја почувствувала пред точно една година:
„Пред точно една година ни соопштија дека имам тумор, дека е на многу лошо место, дека мора операција, а последиците од операцијата не се знаат.
Може да се смират, може само оштетување на некои од виталните функции, но операцијата мора да се прави. Мене за две-три недели роденден. Полнев 29 години.
Не сум станала ни сопруга ни мајка. Животот пред мене… Толку многу работи почнати, а незавршени. Мајка, татко, дедо и фамилија за гледање.
Некој до мене што ме сака повеќе од сè на светот и го повредувам најтешко и најболно. Но не јас… животот… Судбината. Така било пишано, што можам јас? Што можеме ние?
Си ја прифатив судбината без да се побунам и лутам на животот. Така требало да биде, Господ има други планови за мене. И навистина имал… Ама не тие што јас очекував.
Никогаш, ама никогаш Господ нема да ви даде нешто што нема да го издржите, секогаш ќе ви прати некој или нешто за што ќе се фатите и ќе ви го олесни товарот. Поминала една година… пеколна година.
Сè поминува. И добро и лошо. Само да има на кој да се потпрете. Јас преживеав, а знам дека многу не успеале. Сигурно има уште нешто што треба да го завршам на овој свет. Тука сум да откријам што е тоа“.
Прочитајте и: Александра Шијакоска за CRNOBELO.com: „Кога ми кажаа дека ризикот од смрт е многу голем прво се исплакав, сила најдов во луѓето кои ме сакаат“
Спирова С. | Црнобело