„Ако имаш донеси, ако немаш понеси“ – Браво! Пилјара од Гевгелија им помага со храна на сиромашните за празниците (фото)
- Детали
- вторник, 27 декември 2022
Додека некои имаат во изобилие и не се плашат како ќе ги поминат празниците, за жал има и такви што едвај сврзуваат „крај со крај“. Пилјара во Гевгелија стана хит на социјалните мрежи со хуманата акција со која им помага на оние луѓе што не можат да си дозволат да купат храна за празниците.
Прослава во ресторани и хотели, скапи патувања, богати трпези – ова е сосема нормално за голем број од семејствата во Македонија за време на празниците, но има и такви што не можат да си дозволат да купат повеќе од најнеопходното.
Пилјара од Гевгелија стана хит на социјалните мрежи откако пред својот влез постави закачалка за храна, наменета за оние на кои навистина им е потребно.
„Хуманитарна акција, закачалка на добрината под мотото „Ако имаш ДОНЕСИ, ако немаш ПОНЕСИ“. Апелираме сите оние кои немаат и навистина им е потребно да се послужат од истата. Да ги направиме празниците убави за сите“ – стои во описот до објавата.
Објавата предизвика голем број позитивни коментари на социјалните мрежи, а Македонците ја поздравуваат оваа хумана акција, што според нив е вистински пример за човечност.
„Браво!“, „Секоја чест! Во нашата држава, фали по една ваква закачалка во секој град!“, „Браво за иновативноста и хуманоста, секогаш сте инспиративни и оригинални, пример за човечност“ – се само некои од коментарите под објавите на социјалните мрежи што масовно се споделуваат.
Б. С. Б. | Црнобело