Ребека со моќен говор: „Ова признание е на сите мајки на дечиња со посебни потреби, за сите борци“
- Детали
- среда, 14 декември 2022
„Ви благодарам многу, ви благодарам на сите, навистина се изненадив дека ме номинирале на овој избор и дека сум добила признание. За првпат во Македонија добивам признание за тоа што го работам веќе долги години...“, го започна својот емотивен и моќен говор Ребека, која ја доби наградата „Жена со посебен придонес во општеството“.
Денес (14.12) се одржа изборот „Жена на годината“ во Музејот на македонската борба, чија цел е да се оддаде признание на дамите кои со својот професионален и општествен ангажман секојдневно и во континуитет поставуваат високи стандарди на деловно и етичко однесување и остваруваат забележителни резултати во годината што одминува.
Меѓу наградените беше и Ребека Јанковска Ристески нашиот најгласен гласноговорник за правата на децата со попреченост. Таа ја зема наградата „Жена со посебен придонес во општеството“.
Нejзиното обраќање гласи:
„Ви благодарам многу, ви благодарам на сите, навистина се изненадив дека ме номинирале на овој избор и дека сум добила признание. За првпат во Македонија добивам признание за тоа што го работам веќе долги години.
Знаете ова признание е признание за сите борци со кои јас секојдневно комуницирам. Тоа се не само жени, туку и татковци, иако претежно се мајки, кои секојдневно се соочуваат со многу предизвици.
Борбата не е само нивна лична, борбата е на целото семејство, борбата е со општеството, борбата е во средините каде што живеат, на секој чекор. Која врата и да ја отворат наидуваат на пречка.
Моето влијание во општеството е од многу зборување, постојано нели зборувам за лицата со попреченост, постојано правам нешто за нив, многу проекти има навистина за да почнам да ви ги раскажувам што сè и со други здруженија и со Националната алијанса за ретки болести, каде што сум претседател, каде што се 20-тина и повеќе здруженија, со Ресурсниот центар на родители со деца со посебни потреби, таму имаме затворена група на Фејсбук каде што сме 3.000 членови, родители на вакви дечиња, и постојано правиме многу работи и се бориме и протестираме и постојано се прашуваме зошто многу од луѓето кои нè слушаат не сакаат да не разберат и само нè тапкаат по рамо.
Секогаш излегувам, зборувам гласно, давам интервјуа, излегувам на протести, меѓутоа верувајте дека очајот меѓу децата и родителите на деца со попреченост е огромен, а најголемиот проблем е во реализацијата на проектите.
Некои од овие деца не можат да бидат гласни, некои од нив не зборуваат, некои не можат да гледаат...
Ова признание е признание на сите мајки. Тука се дел од нив. Има многу мајки и луѓе кои се борат и им благодарам неизмерно.
Би сакала ова признание да биде признание за целото наше општество, да биде признание со кое ние ќе се гордееме и работите да тргнат на подобро.“
https://www.facebook.com/rebeka.risteski/posts/pfbid02C3ujxCmVhoaZQLLmv5qLfTyB1f7kQKeBokFx2tANUjWwdYZ57bk9d2kVcruUFpBWl
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело