„Едвај чекам да седнам со тебе пак“ – Емотивна објава на синот на Горан Стефановски - бронзената скулптура го виде небото над Дебар Маало
- Детали
- четврток, 19 август 2021
„Добредојде дома стари! Едвај чекам да седнам до тебе пак... Бронзениот Горан конечно го виде небото над Дебар Маало - ве чека на седенка и муабет“ – напиша синот на Горан Стефановски, откако скулптурата на македонскиот драмски писател, кој почина во 2018-та, пристигна во Скопје.
Големиот македонски драмски писател, академик и универзитетски професор, Горан Стефановски почина во 2018-та година и остави зад себе огромно културно наследство.
Тој е автор на некои од најпознатите македонски драми, меѓу кои: „Диво месо“, „Јане Задрогаз“, „Дупло Дно“, „Тетовирани души“ и многу други...
По три години од неговата смрт и 10 месеци откако беше најавено дека скулптурата на Горан Стефановски е готова, таа конечно го доби своето место во скопско Дебар Маало.
Неговиот син Игор Стефановски по тој повод напиша емотивна објава до фотографијата од „бронзениот Горан“:
Конечно, после една година изработка, долги ковид-месеци во склад, и неколку недели во кутија, сабајлево бронзениот Горан го виде небото над Дебар Маало!
За жал, поради новите мерки, нема да има јавен настан за отворањето. Но, сигурно така и требало да биде, бидејќи Горан секогаш се враќаше во Скопје тивко и ненајавено - едноставно си сакаше да се појави (всушност, никогаш не се сметаше за отсутен).
Така што, еве и овој пат, во текот на денот (здравје), Горан би требало да биде поставен на своето место, каде ќе ве чека за седенка и муабет. Кога ќе бидете во можност, отидете да го поздравите.
ДОБРЕДОЈДЕ ДОМА СТАРИ! Едвај чекам да седнам до тебе пак...
Б. С. Б. | Црнобело