Следете во живо - Пречек на македонската гордост Дејан Георгиевски од Олимписките игри
- Детали
- четврток, 29 јули 2021
Ни донесе сребро вредно како злато. Повеќе граѓани се собраа да ја пречекаат македонската гордост Дејан Георгиевски кој по 21 година ѝ донесе олимписки медал на Македонија.
По повод пристигнувањето на македонскиот вицешампион во теквондо во категоријата до 80 килограми денес се одржува свечена манифестација на плоштадот Македонија.
Фото: Twitter
Дејан Георгиевски заедно со неговите тренери Борче Костовски и Дарко Костовски денес попладнево пристигна на аеродромот во Скопје каде беа пречекани од поголема група сограѓани кои побрзаа први да честитаат за победата.
Инаку, Дејан Георгиевски е нашиот најуспешен олимписки спортист досега. Тој е вториот спортист што освоил медал на Олимписките игри од осамостојувањето па наваму.
Фото: Twitter
Свечената манифестација следете ја TУКА.
„Ветивме злато, а се вративме со сребро. Но, од Париз ветуваме дека ќе се вратиме со злато“ – порача македонскиот вицешампион во теквондо Дејан Георгиевски.
Голем број граѓани се собраа на плоштадот Македонија за да го пречекаат олимпиецот што ѝ донесе огромна радост на Македонија со победата во категоријата до 80 килограми. Дејан беше пречекан со овации од насобраната публика. Како што рече, особено е важно тоа што конечно е скршен мразот и Македонија почна да носи медали од Олимпијадите.
Тој ја искористи приликата за да им се заблагодари на тренерите Борче Костовски и Дарко Костовски, но и на членовите на неговото семејство, но и на клубските колеги, кои како што напомена деноноќно четири месеци тренирале заедно со него и се подготвувале за Олимписките игри. По завршувањето на офоцијалниот дел од пречекот голем број граѓани побрзаа да се фотографираат со Дејан.