Легендите за Преспана, островот со змиите и ослепените војници на цар Самoил

Македонија е неисцрпна ризница на приказни, легенди и преданија, за јунаци и херои, за убавите моми, за природните богатства на нашата мала земја, за цареви и војници… Легенди кои се стари, тешки за верување, но сепак се наши, македонски, исконски, сведочат за дамнешни времиња, па вреди да се слушнат повторно и повторно, да се раскажат за идните поколенија.

legendite-za-prespana-ostrovot-na-zmiite-i-oslepenite-vojnici-na-car-samoil-01.jpg

Нема Македонец кој не слушнал за цар Самoил, за неговите храбри војници, но дали ги знаете приказните и легендите за Преспа, која некогаш била центар на Самоиловата држава вгнездена меѓу пет планини на брегот на истоименото езеро?

Преспа се простира меѓу планините Петрино, Галичица, Сува Гора, Пелистер, Баба и Бигла, надарена со прекрасна природа и езеро полно риби, плодна почва и благородна клима, а за неа се раскажуваат многу легенди, за постанокот на езерото, за змискиот остров кој крие богатство и самоиловите војници.

Легендите за Преспана и езерото

За убавата мома Преспана и за езерото се раскажуваат повеќе стари приказни, секоја убава и интересна на свој начин.

Првата легенда вели дека Преспана била убава девојка од селото во близина на езерското крајбрежје. Таа ја делела истата судбина како и многу други македонски девојки, да биде потурчена и однесе во амам како сопруга на турски бег.

Не сакајќи животот да го помине во харем, таа скокнала во езерото и се удавила, ама турска жена не станала. Во чест на храбрата Преспана, мештаните езерото го крстиле Преспанско, а селото Преспа.

legendite-za-prespana-ostrovot-na-zmiite-i-oslepenite-vojnici-na-car-samoil-02.jpg

Во друга легенда, убавата Преспана му била ќерка на Цар Самоил. По неговата смрт, таа останала да живее во дворецот.

За убавината на Самуиловата ќерка надалеку се расчуло, па дури до Византија. Се раскажува дека византискиот цар Василие дошол во Македонија да ја побара Преспана за жена.

Но, таа, верна на својот татко и не сакајќи да биде мажена за неговиот противник, се самоубила скокајќи во водите на езерото. Затоа, тоа го носи нејзиното име, Преспанско.

legendite-za-prespana-ostrovot-na-zmiite-i-oslepenite-vojnici-na-car-samoil-03.jpg

Последната легенда раскажува за љубовта меѓу Преспа и Лабид. Многу одамна на местото каде што денес се протега езерото имало поле со плодна почва. Околу тоа поле живееле две ривалски племиња кои постојано се расправале на кого му припаѓа.

Полето било опколено со седум извори на листа и бистра вода. Селаните секојдневно полнеле вода на изворите, но морале да ги затворат, оти силната вода можела да ги потопи.

Еден ден додека Преспа полнела вода го видела Лабид и се заљубила во него. И тој и возвратил на љубовта, па секоја ноќ, кога мракот ќе паднел, тие тајно се гледале.

Една вечер заљубената Преспа трчајќи дошла да се сретне со саканиот. Еуфоријата ја понела, па ги отворила сите извори. Во прегратките на љубениот Лабид таа заборавила на изворите и на стариот аманет дека мора да се затворат. Заедно отрчале во планината да се скријат од очите на соселаните. Од жуборот на водата заспале, оставајќи ги изворите отворени цела ноќ.

Утрото кога се разбудиле место поле пред нив имало езеро. За да се спасат и двете племиња почнале да се иселуваат, едното во подножјето на Галичица, другото на југ. Новата населба ја крстиле Преспа, а езерото Преспанско, а на крај две племиња се помириле, а Преспа и Лабид останале заедно и се венчале.

legendite-za-prespana-ostrovot-na-zmiite-i-oslepenite-vojnici-na-car-samoil-04.jpg

Змискиот остров и царското богатство

Голем град е најголемиот остров во нашата земја и се сместен во Преспанското езеро. Тој плени со својата природна убавина и ендемски и ретки видови на флора и фауна. Покрај својата специфичност и природни богатства островот е прогласен за природен резерват.

Но, она што е интересно за овој остров е легендата поврзана со него. Голем град е познат меѓу народот и како змиски остров, со верување дека на него има дувла со змии со смртоносен отвор. Според старата легенда која мештаните ја раскажуваат, змиите на островот ги донел цар Самоил бидејќи таму било скриено сето негово богатство, со отровните змии тој го штител своето злато од непријателите.

legendite-za-prespana-ostrovot-na-zmiite-i-oslepenite-vojnici-na-car-samoil-05.jpgфото: Википедија

Легендите за самоиловите ослепени војници

Битката кај Беласица во 1014 година засекогаш ќе остане запаметена во македонската историја, по поразот на Цар Самоил, но и болката која неговите војници ја претрпеле.

Битката на Беласица претставува решавачка битка меѓу визанстинскиот цар Василиј Втори и Цар Самоил, во која била решена судбината на средновековната македонска држава и Самоиловото царство.

По поразот околу 15.000 македонски војници биле заробени и ослепени. На секој стоти војник му било оставено по едно око за да успеат да се вратат дома, пред цар Самоил.

legendite-za-prespana-ostrovot-na-zmiite-i-oslepenite-vojnici-na-car-samoil-06.jpg

Од стравотната глетка на ослепените војници, скршен од тага и болка, цар Самоил добил срцев удари починал по само два дена.

Многу легенди се поврзани со самуиловите војници кои по поразот на Беласица ослепени се вратиле дома.

Според една легенда, народната носија во Преспа порано била и убава, но поради трагедијата со војниците и нивното ослепување, е заменета со црна.

Асамати, Болно и Долно Дупени

Овие три села своите имиња ги добиле по ослепените војници на цар Самоил. Според легендите кои мештаните ги раскажуваат во нив се лекувале дел од ослепените војници.

Сите три села се долж крајбрежјето на Преспанското езеро.

Асамати значи „еднооки“ а тоа село го добило името по војниците на кои им било оставано по едно око за да ги вратат четите дома.

Селото Болно го добило ова име бидејќи на местото каде што денес е сместено биле лекувани повредените и ослепени војници по трагичната битка на Беласица.

И селото Долно Дупени го добиле името по војниците кои ги изгубиле очите по поразот од византиското царство. На тоа место тогаш биле стационирани дел од војниците, па бидејќи немале очи, со дупки на лицето, мештаните тој крај го викале „кај дупените“.

legendite-za-prespana-ostrovot-na-zmiite-i-oslepenite-vojnici-na-car-samoil-08.jpgфото: Википедија

Тажни се овие македонски легенди, поврзани со страдањата на македонскиот народ но и настани кои навистина се случиле, па токму поради тоа не треба да бидат заборавени.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Денес е Вера, Надеж и Љубов – Што треба да направат сите што имаат ќерки? Ако имате ќерка денес треба да ѝ покажете колку ја сакате. Се слави празникот „В...
Наташа Фигурела цело лето е на грчки остров: „Првпат дојдов на Миконос во 2004 година и се заљубив в... „Почнав секоја година да доаѓам на Миконос, бидејќи на овој остров се чувствувам...
Миа Костова за летувањето во Ердек: „Тијана има стан тука, влез на приватна плажа е меѓу 600 и 1.500... „Цените до лани беа супер евтини, годинава се како во Грција. Има лахмаџун ...
Се слави Свети Константин и Елена: Обичаи и верувања поврзани за празникот Водата од еден извор во Македонија се смета дека е најлековита на овој ден, а го...
Нашата Марија стана светски шампион во кик-бокс и уште 4 позитивни вести од Македонија кои нè израду... Пеце Јанкуловски од Битола со булдожер ископа ров за да спречи пожарот во тој ре...
Денеска е „Огнена Марија“ – Што не треба да правите на овој ден? Се верува дека „Огнена Марија“ е сестра на громовникот Илија и слично како него,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg