Скопјани кои го преживеале земјотресот во 63’та: „Бевме заробени во куќата, а сѐ околу нас беше разрушено“

„Спиевме под отворено небо, се слушаше плач, вресоци и болка, додека поминуваа камиони од кои ги читаа имињата на загинатите“ – скопјани за CRNOBELO.com се потсетуваат на кобниот земјотрес во ’63-та кој го срамни градот со земја.

skopjani-koi-go-prezhiveale-zemjotresot-vo-63-ta-bevme-zarobeni-vo-kukjata-a-s-okolu-nas-beshe-razrusheno-01.jpg

Кобниот земјотрес со епицентар во центарот на градот засекогаш ќе остане врежан во сеќавањата на скопјани, по жртвите, по разорноста и штетата, но и по единството во неговото повторно заживување, како Феникс кој се издига од пепелта.

Силен татнеж и тресење на тлото на земјата ги разбуди скопјани на 26 јули пред 58 години во 5.17 часот. Многумина не се ни разбудија, се сеќаваат старите скопјани со солзи во очите за кобното утро во кое многумина ги изгубија саканите во урнатините, а илјадници останаа без родното огниште.

Градот како да пропадна в земја, само рушевини, прав и страв, многу страв и солзи, лелеци и спиење под отворено небо.

Разговаравме со неколку скопјани кои го преживеале земјотресот, а за CRNOBELO.com тие низ солзи зборуваат за трагичниот настан, за кој како симбол останува часовникот на старата железничка станица, чии стрелки се закочија точно во 5 часот и 17 минути.

Единствени преживеани од целата зграда

Тажна и потресна е животната приказна на Наде М. од Скопје која на своја десетгодишна возраст го преживеала скопскиот земјотрес и како што таа се сеќава, само тие од целата зграда во близина на плоштадот Слобода останале живи.

„Само ние преживеавме“ – раскажува за CRNOBELO.com 68-годишната Скопјанка која додава дека тогаш имала едвај десет години и живеела со родителите и помалата сестра. Натажено вели дека било вистинско чудо што се спасиле.

„Армирана бетонска плоча од зградата падна косо и јас успеав да се засолнам во косината, мал триаголник кој ме заштити од циглите кои силно паѓаа“ – вели таа која додава дека нејзиниот татко останал заглавен во рушевините.

Бидејќи тогаш тој бил раководител во рудник во Пробиштип, негови колеги, рудари, пристигнале за да го извадат жив од урнатините од она што дотогаш било негов дом.

skopjani-koi-go-prezhiveale-zemjotresot-vo-63-ta-bevme-zarobeni-vo-kukjata-a-s-okolu-nas-beshe-razrusheno-02.jpg

„Татко ми беше најзаглавен од сите, неговата нога беше под греда од бетонски елемент која не можеше да се помести. Со часови се бореше со болката, дури и размислуваа да му ја исечат ногата за да го спасат. Но, еден рудар му рече Јас од овде цел ќе те извадам, па после нека одлучат докторите дали треба да те ампутираат“, – раскажува таа додека гласот почнува да ѝ трепери.

Нејзниот татко успеале да го извадат и веднаш бил пренесен во болница во Врање. Рударите останале да помагаат во Скопје во следните денови како дел од многуте спасувачки екипи кои со денови барале преживеани меѓу срушените куќи и згради.

Наде вели дека нејзиниот дедо, кој тогаш живеел во населбата Аеродром, дошол ѝ им помогнал да излезат од рушевините ѝ им дал засолниште првите денови, но подоцна, како и многу скопјани, биле евакуирани во други градови.

„На татко ми не му се верувало дека ние сме живи. Ѝ велел на мајка ми дека го лаже за да се чувствува подобро и брзо да закрепне. Па, пред да нè однесат во Пробиштип, таа замоли еден негов колега да нè однесе кај него во посета, за да се увери дека сме живи“ - вели таа и додава дека никогаш нема да го заборави тоа чувство на обединување на фамилијата, татко ѝ во болнички кревет, таа сè уште со малтер во косата, мајка и со модрици, плачеле сите, и тие и оние кои ја делеле собата со нејзиниот татко.

Наде се сеќава дека во болницата во Врање планирале да му ја ампутираат ногата, но, подоцна го препратиле во монтажна болница во Куманово во која имало доктори од Америка, и таа вели, тие му ја спасиле ногата, му биле ампутирани само прсти од стапалото.

Долго време закрепнувал, но останале живи иако биле многу блиску до епицентарот кој го смени ликот на главниот град. Наде и нејзиното семејство го продолжиле животот во Пробиштип.

skopjani-koi-go-prezhiveale-zemjotresot-vo-63-ta-bevme-zarobeni-vo-kukjata-a-s-okolu-nas-beshe-razrusheno-03.jpg

Скопје е срушено со земја

„Скопје е срушено со земја“ – вечно ќе ги памети овие зборови Драгослав М. кој во моментот на трагедијата бил во војска во Хрватска.

„Ме разбуди командирот, ми рече, Пакувај се, Скопје е срамнето со земја, а мене нозете ми се пресекоа. Целата фамилија ми беше таму, во селото Кучково, сопругата и ќерката која имаше само девет месеци“ – се сеќава тој кој го одлежувал воениот рок во хрватскиот град Госпич за време на земјотресот.

Додава дека не знаел дали се живи или мртви. Тргнале со воз за Скопје, тој и сите Македонци кои биле со него, но и многу доброволци и војници кои едноставно сакале да помогнат.

Немале многу информации за тоа што се случува, знаеле само дека имало силен земјотрес.

skopjani-koi-go-prezhiveale-zemjotresot-vo-63-ta-bevme-zarobeni-vo-kukjata-a-s-okolu-nas-beshe-razrusheno-04.jpg

„Кога се приближувавме кон градот се чувствуваше тешка атмосфера, облаци од прав во воздухот“, се сеќава тој.

Возот ги оставил во близина на градот бидејќи имало прекини на пругата, па некако нашле превоз до центарот, а таму ги пречекал вистински ужас, луѓе плачеле и врескале на улица, крв, рушевини и многу прашина.

Драгослав вели дека немало никаков превоз, па од центарот на Скопје тргнал пеш до родното Кучково, околу 15 километри.

„Среќа што моите беа добри. Никој не беше повреден, а и куќата поминала само со неколку пукнатини“ – се сеќава тој кој додава дека неговата сопруга со ќерката, а и соселаните спиеле на отворено првите три ноќи. Било страшно и опасно.

Тој и останатите Македонци биле ослободени од касарната за да им помогнат на своите најблиски по земјотресот.

„Скопје никогаш повторно не беше истото како од пред земјотресот“ – вели 80-годишниот скопјанец.

Нè спасуваа преку прозорец

Уште едно тажно сведоштво на скопјанката Мара К., која сега е пензионер, а во кобната 63-тата година имала само пет години. Таа со родителите и трите сестри живееле во близина на Железничката станица, на местото викано Чешма.

„Останавме заробени во куќата. Таа не се сруши, ама сè околу нас беше разрушено. Се сеќавам дека мојата најмала сестра многу плачеше. Вратите беа целосно заглавени. Татко ми за да нè спаси скрши прозорец и една по една нè извади од домот“ – се сеќава старата скопјанката која исто така со семејството поминале неколку дена на отворено, а потоа заминале во Задар кај свои роднини.

skopjani-koi-go-prezhiveale-zemjotresot-vo-63-ta-bevme-zarobeni-vo-kukjata-a-s-okolu-nas-beshe-razrusheno05.jpg

Биле среќни што куќата каде живееле под кирија го издржала потресот иако била многу блиску до епицентарот и тие преживеале.

Таа раскажува дека нејзиниот сопруг живеел во близина на Олимпискиот базен кога се случил земјотресот. И тој бил мало дете, за среќа не биле повредени, но го изгубиле домот. Денес на местото на неговиот стар дом има засадено дрво.

Таа вели дека чула приказна, дека на еден млад скопјанец кој живеел во нивното маало, косата му побелела за само еден ден од толку стрес и страв.

Уште неколку сведоштва на следната страна... 



Би можело да ве интересира:

„Се молам да не заплачам додека пеам“: Ивона Јо ги испеа омилените песни од Тоше во Крушево „'Игри без граници' и 'Полско цвеќе' не можам да ги пеам, да дадам емоција, а да...
Миа Костова славеше Св. Никола - Тамара пееше за мерак на гостите, Тијана највесела од сите „Заради сите вас на масава, јас сум тоа што сум денес. Вие сте мојата сила засек...
Ивана Кнез со моќен статус за 8 Март: „Не успеав - имам кариера, но немам партнер и деца“ „Не успеав, се вклопив во шема на кариеристки. Ама ќе успеам да излезам од неа и...
Маја Платнар од Скопје: „14 години откако ми кажаа 'болна си', денес среќна ви кажувам 'здрава сум'“ „Верувајте ми дека не е лесно болеста да ви биде сопатник, но вреди, оти ако нау...
Ќерката на Хелена Роза е вистинска убавица: Кјара сака фитнес и студира право Ќерката на Хелена Роза, Кјара Гоља (25), скоро една деценија ужива во животот на...
Миа Костова раскажа како ослабела 17kg за 10 месеци: „Не држам диета, бројам калории - сè е во глава... „Првото јадење ми е накај 2-3 попладне, зашто до тоа време не чувствувам глад от...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg