Ден на Земјата 2021: Промената започнува од тебе!
- Детали
- четврток, 22 април 2021
Секоја година во април милиони луѓе ширум светот го одбележуваат Денот на Земјата. Токму на овој датум, 22 април, се потсетуваме која е нашата одговорност кон планетата на која живееме, но и ги потсетуваме другите дека грижата за неа е сечија должност.
Оваа година темата е Реставрација на планетата, што значи дека главниот фокус е ставен на обнова, преродба и почнување нов циклус. Затоа, овој Ден на Земјата нека биде и вашиот нов почеток!
Денот на Земјата е традиционален годишен настан кој се одбележува на 22 април, а чија цел е да ги истакне и да им даде важност на еколошките проблеми со кои се соочуваме, од климатската криза, преку загадувањето на околината и воздухот, па сѐ уништувањето на шумите. И додека секој од нас не може да делува глобално, дури и најмалиот локален напор да се промени нешто ќе се почувствува и ќе влијае на зачувување на Земјата. Во продолжение, преку низа практични совети ќе ви покажеме како и вие можете да се приклучите кон мисијата за подобра, почиста и поздрава планета.
Купувајте паметно
За почеток, секогаш со себе носете торба за пазарење наместо на секое одење до маркет да купувате ново ќесе. При купувањето избегнувајте производи чија амбалажа е составена од премногу пластика и најлонски обвивки за да го намалите количеството на отпад кое го создавате. Купувајте го само она што ви е потребно, колку што ви е потребно. Многу често забораваме на индиректните начини на кои можеме да помогнеме.За да бидете сигурни дека ја правите вистинската работа и кога се работи за големата слика, осигурајте се дека производите кои ги купувате доаѓаат од етички и општествено одговорни компании.
Рециклирај, рециклирај, рециклирај!
Важноста на рециклирањето не може да биде доволно нагласена! Најважните индустриски материјали можат да се рециклираат и ние не гледаме причина доволно добра за да не го дадете вашиот придонес во овој процес. А за да ви ја олесни работата, Пакомак ги подели по боја контејнерите за одложување на различен вид отпад: Жолта боја - пластика и лименки, сина боја - хартија и зелена боја - стакло. Од сите индустриски материјали, на стаклото му е потребно најмногу време за разградување (преку илјада години за да се разгради целосно) и затоа е многу важно да заврши во соодветниот отпаден сад. Притоа, неправилно одложеното стакло неретко знае да предизвика пожари поради сончевата светлина која се одбива од него, особено ако е оставено во близина на сува трева, хартија или сличен запалив материјал. За отпадот од стакло да се најде во рециклажните погони каде што припаѓа, Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) во соработка со Заедницата на локални самоуправи на Македонија (ЗЕЛС) и Пакомак во нашата земја го спроведуваат регионалниот проект „Управување со отпад од стакло на Западен Балкан“, со кој е предвидено поставување на поголем број контејнери во неколку домашни општини со цел да се зајакне инфраструктурата и да им се олесни процесот на одложување на отпад на граѓаните кои се заинтересирани за вклучување на овој процес. Ако досега не го правевте тоа, денеска е денот! Најдете го најблискиот зелен игло-контејнер и одложете го стаклото во него, а со тоа започнете го вашиот нов еко живот!
Едуцирајте ги другите
Пораката е моќна само онолку колку што истата ќе биде проширена. Целта е таа да стигне до што повеќе луѓе за да може да резултира во промена. Ако вие ја имате прифатено вашата еко обврска кон планетата, бидете сигурни дека ја имате моќта да ги убедите да ја прифатат и вашите блиски. А како да го направите тоа? Изборот е ваш. На домашните можете да им покажете како да го селектираат отпадот во нивниот дом и како да го поделат по категории на рециклирање. Барем денеска, побарајте го отпадот кој може да се рециклира од соседите и убедете ги да го одложат заедно со вас, па можеби така ќе ги мотивирате во иднина тоа да го прават и самите. Или во најмала рака, можете да објавите еко-пост на вашите социјални мрежи кој ќе ги повика сите оние кои ве познаваат во борбата за подобар свет. Овој Ден на Земјата да се обидеме да направиме заедничка промена!