Омаловажувачкиот хумор кон етнички групи не е шега
- Детали
- сабота, 10 април 2021
Омаловажувачкиот хумор кон етнички групи не е само шега, туку шовинистичко поттикнување на предрасуди и негативни стереотипи. Исто како што сексистичките вицови и скечеви за „плавушите“ ја навредуваат интелигенцијата на жените, така и невкусните вицови и скечеви за Ромите, Власите или Албанците навредуваат, повредуваат и омаловажуваат цели етнички групи. На еден таков скеч за Албанците бевме сведоци пред 10-тина дена, кога во едно „хумористично“ видео карикатурата на Албанец Лулзим беше негативно стереотипизиран како крадач на струја, како татко што не ги смета ќерките за деца, како лажго што корумпира и како класичен „сељак“ кој нема поим од животот. Ваквиот омаловажувачки хумор без грам срам испровоцира бројни негативни реакции и видеото со „скечот“ набргу беше избришано од социјалните мрежи. Но, никој не се извини за омаловажувачкиот и навредлив хумор.
Истовремено, реалното новинарско видео со Макфире Шаќири, возачка на автобус во ЈСП, го привлече вниманието на речиси половина милион граѓани со огромен број позитивни реакции на социјалните мрежи. Во видеото со јасна порака „Во борбата за животот нема „женска и машка професија““, Макфире Шаќири раскажува како нејзиното дете пораснало во автобус покрај патниците, и лично ги разбива негативните оппштествени предрасуди за жените, самохраните родители, Албанците, и поделбите на „машки“ и „женски“ професии. Но, наспроти охрабрувачките пораки на ова новинарско хит видео, кое покажа дека новинарите можат успешно да ги разбиваат негативните општествени стереотипи, деновиве сме пак сведоци на неосновани новинарски споредби кои испраќаат негативни стереотипизирачки пораки за Албанците.
Негативно стереотипизирање при наплата на данок
Едно новинарско истражување за тоа колку данок на имот наплаќаат општините, беше искористено од некои медиуми за испраќање на „суптилни“ пораки дека Албанците не плаќаат данок на имот, што предизвика лавина на негативни и дискриминирачки коментари на социјалните мрежи. Неоснованите споредби на „даночниот рај“ Арачиново (кое не е скопска општина) со некои скопски општини како „рекордерот“ Центар, исто така поттикнаа негативни стереотипи и коментари во јавноста дека и Албанците во Скопје плаќаат помалку данок од другите граѓани. Но, што покажуваат некои споредби на податоците од истражувањето?
Податоците од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажуваат, на пример, дека општина Чаир во периодот од 2017-2019 има поголема просечна наплата од општините Битола и Охрид. Исто така, дека општина Сарај која во 2019 има наплата од 90%, има поголем процент на наплата од Струмица и Штип. Исто така, податоците покажуваат и дека во општина Шуто Оризари се наплаќа ист процент данок како во општина Петровец во периодот од 2017-2019. И тука паѓаат во вода сите обиди за сензационалистичко претставување и негативно стереотипизирање на некои етнички заедници како „неплаќачи на даноци“.
Зголемената наплата, значи зголемена доверба во градот Скопје и општините
Најновите податоци за зголемување на процентот на наплата на данокот на имот во Скопје за 2019 се подеднакво охрабрувачки како и реакциите на Скопјани на видеото за Макфире Шаќири. Покрај Ѓорче Петров (99%), Аеродром (98%), Карпош (97%), и Центар (94%) каде што имаме голем процент на наплата, се зголемува наплатата и во други скопски општини од 2017 до 2019: Кисела Вода (од 78% на 90%), Чаир (од 68% на 91%), најмногу во Сарај од 46% на 90%), Шуто Оризари (од 62% на 74%), Бутел (од 77% на 89%), Гази Баба (од 63% на 71%).
Според општинарите, ова е резултат не само на зголемените деловни активности, туку и на зголемената свест и доверба кај граѓаните во Градот Скопје (каде што се врши наплатата) и во општините.
Ако главни причини за малиот процент на наплата на данок на имот во некои општини се недоволната транспарентност и отчетност на општините кон граѓаните (како што сугерираат експертите), тогаш охрабрувачкото зголемување на процентот на наплата треба да се толкува и како показател за зголемена транспарентност и отчетност на општините и градот Скопје. Кога граѓаните гледаат дека парите од нивните даноци не се расфрлаат во барокни фасади, панорамски тркала, прескапи споменици и восочни фигури, туку во инфраструктурни и други проекти за поубаво, почисто и позелено Скопје и неговите општини, тогаш се зголемува довербата во градот и општините, и соодветно на тоа, наплатата на даноците.
Зголемена соработка помеѓу градот и општините
Како што проникливо забележаа и некои новинари, разликата во поголемиот процент на наплата во Чаир и Сарај, споредени со Тетово и Гостивар, е и во тоа што системот за наплата го раководи градската, а не општинските администрации. Поефикасниот систем на наплата на даноци во град Скопје, како што укажа и градоначалникот Петре Шилегов, е резултат и на подобрената соработка и координација помеѓу градот и општините, во насока на планирање и спроведување на заедничка градска политика, која е во интерес на сите скопјани.
Кога играчите на терен подобро соработуваат и се координираат, се даваат и повеќе голови во мрежата, како што покажа и нашата фудбалска репрезентација која успеа да го порази и четирикратниот светски првак Германија, и тоа на домашен терен.
Како што се радуваме и охрабруваме од головите и асистенциите на Пандев, Елмас, Барди, Алиоски, Адеми и другите наши фудбалски репрезентативци, треба да се охрабруваме и кога политичките играчи покажуваат подобри резултати на теренот на локалната самоуправа.
Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје / Колумната е објавена во Слободен Печат