Денес не се срамам и не се плашам да кажам: „Јас преживеав семејно насилство“
- Детали
- понеделник, 07 декември 2020
Пред повеќе од 10 години, речиси преку ноќ, од млада и успешна девојка што израсна во прекрасно семејство, и со амбиција да го освои светот, се претворив во марионета во рацете на мојот тогашен сопруг.
Тој користеше најразлични средства и манипулации за да ми ја скрши самодовербата, да ме убеди дека не вредам ништо и дека никој нема да сака и нема да може да ми помогне, и дека токму тој е најдоброто нешто што ми се случило во животот, а кога постапува агресивно, дека јас сум самата виновна за тоа.
Една од вообичаените методи беше поставувањето правила во секојдневниот живот и за најбанални работи. Дали ќе го направам ручекот токму како што тој сака, дали ќе се вратам од работа или од средба со пријателката во точно определено време како градските гужви да не влијаат врз тоа, па дури и за тоа дали ќе заработам доволно за да има за задоволување на сите негови каприци, како да не е заедничка обврска планирањето и обезбедувањето на семејниот буџет. И во случај да не успеев во која било област, тоа требаше да ги оправда неговиот гнев и насилничко однесување.
Ова резултираше во еден вид самоцензура од моја страна. Едно по едно, престанував да ги правам работите во кои претходно уживав и на кои им се радував. Престанав да јавам коњи, престанав да сликам на стакло, го променив стилот на облекување, ги прекинав пријателствата и ги сведов на минимум контактите со моето семејство. За помалку од три години, јас станав бледа и непрепознатлива сенка од старата Јас, која се движеше низ животот како низ минско поле, со единствена задача да не направи ниту еден погрешен чекор што претерано ќе го вознемири, а притоа и никој однадвор да не забележи дека нешто не е во ред.
Од сегашна перспектива можам да кажам дека неговото однесување поминуваше низ 3 фази, кои се повторуваа. Најпрво имаше период на зголемена тензија кога сѐ што ќе направев не беше доволно добро и во кој доживував континуирани критики, навреди, закани по мојот живот и животот на најблиските, како и финансиско насилство и целосна социјална изолација. Потоа следуваше период на ескалација, за која „тригер“ можеше да биде и најмала ситница кога неговото однесување излегуваше надвор од контрола и резултираше со груби вербални, па и физички напади, за веднаш потоа да следува период на каење, убави гестови, барање да му простам и ветување дека таквото однесување нема да се повтори.
На почетокот воопшто не помислував на развод. Длабоко во себе верував дека мојата улога како жена и мајка е да го зачувам семејството дури и по цена на сопствената среќа. Исто така, знам дека не сакав да им нанесам болка и срам на моите родители – таа мисла долго ме измачуваше. Но третата и можеби најголема причина што и понатаму останував во таквата заедница, беше поради фактот што додека ги гледав „совршените бракови“ на многумина од моето опкружување, не сакав да признаам најпрво пред себе, а потоа и пред светот, дека и покрај сите дипломи и кариерни успеси, „Јас не успеав“ и потфрлив во едно од најважните животни прашања. Кога, пак, увидов дека работите одат само во надолна линија и прифатив дека што и да направам, тој нема да се промени, се ужаснував од помислата на неговата гневна реакција спрема мене и моите најблиски доколку побарам развод и јавно ја кажам причината. Бев свесна за непостоењето на ефикасна полициска заштита на жртвите на семејно насилство, за правните лавиринти низ кои ќе треба да поминам, како и за јавниот линч со кој ќе треба да се соочам, и сето тоа ме одвраќаше од желбата за промена и останувањето во таквата заедница и понатаму ми се чинеше како далеку помало зло. Долго чекорев така низ животот со маска на лицето, а „крилјата“ ми останаа длабоко стуткани под креветот.
Во тој период јас сепак направив и две исправни работи. Одлучив да ја родам ќерка ми, чие доаѓање на овој свет беше освестувањето што ми беше потребно, затоа што дури тогаш јасно согледав дека тоа никогаш нема да биде животот што го посакував за неа, а се изборив и за правото да отворам сопствена компанија, чии резултати ми ја вратија самодовербата и самопочитувањето. Јас во една од поуките што ги пишувам во книгата „СВОЈА: за најважните работи во животот за кои никој не нѐ подготвува“, која ја издадов минатиот месец, велам дека во моментот на раѓањето на детето, се раѓа и мајката, и таа е стопати посилна од тогаш кога беше само жена и сета сила што ѝ треба, сега ја има.
Си заминав без ништо, само со еден пар облека и ќерка ми во рацете, и оставив зад мене буквално сѐ што создадов како вредност во периодот додека бевме заедно, но со мирно срце и верба дека конечно го правам вистинскиот избор. Поддршката и прифаќањето што моите родители ми ги дадоа во тој период, значително влијаеше врз брзината со која повторно застанав на нозе. Секако, кога почнувате од под нулата, треба време за тоа, но кога сте се научиле да чекорите, па и да трчате со огромен товар на градите, и кога одеднаш ќе го симнете, сѐ е неверојатно полесно и набрзо ќе успеете да го надоместите пропуштеното. Она што мене посебно ми помогна беше правењето план и визија што посакувам за себе и за мојата ќерка, поставувањето и правењето секојдневни рутини дури и кога не сакав да станам од кревет и разговорите што ги водев самата со себе. Си правев ментални листи за работите за кои сепак треба да се радувам и да бидам благодарна, и свесно одлучив да не се нервирам за „изгубените години“.
Она што си го повторував длабоко во себе беше: „Јас сум силна, јас сум паметна, јас сум убава, јас вредам, јас заслужувам да сакам и да бидам сакана. Нема да дозволам тагата и гневот да ме надвладеат, повторно ќе се гледам исправено во огледало. Ќе го искористам негативното искуство низ кое поминав како причина и поттик остатокот од животот да го живеам со очи широко отворени и да дишам со полни гради, многу поосвестено и со повеќе мудрост да ги правам животните избори за да се издигнам многу повисоко од местото на коешто бев пред него и да создадам живот каков што отсекогаш посакував“. Се доживував како стрела што била затегната наназад, но сега кога е ослободена од кафезот, единствено може забрзано да се вивне напред. Размислував позитивно, повеќе не им придавав никакво значење на „душегрижниците“ и животот набрзо почна да ми станува поубав во секој поглед, а наскоро го запознав и мојот вистински животен партнер.
Како конечен облик на зацелување и помирување со тој дел од мојот живот, пред 6 години одлучив да го ставам моето искуство и на хартија, и така се роди и книгата „СВОЈА“, која за само неколку недели беше препознаена од многу голем број читатели, кои со мене го споделија своето животно искуство и нивно размислување како „СВОЈА“ им помага да ги надминат предизвиците.
Според најновите информации и истражувања, секоја втора жена во некој период од својот живот ќе претрпи определена форма на насилство, било да е тоа во домот или во работната средина, и тоа се недозволиви бројки, па затоа една од главните цели на мојата автобиографска книга е да превенира. Да им покаже на девојките и на помладите жени како да препознаат насилник и манипулатор, но и на оние што веќе се во таква релација, да ги охрабри дека има светлина на крајот од тунелот и да им го покаже патот.
Но „СВОЈА“ е многу повеќе од само книга за семејно насилство. Во неа зборувам за различни животи предизвици на патот на израснувањето од девојче во девојка и жена, меѓу кои и мајчинството, наоѓањето на вистинскиот животен партнер малку подоцна во животот, како и основањето и водењето сопствен бизнис. „СВОЈА“ е сеопфатен концепт и начин на живот, желба и мисија за подобро утре и за достоинствено и среќно живеење на секоја девојка и жена, и затоа паралелно со издавањето на книгата, заедно со мојот тим отпочнавме повеќе иницијативи во оваа област. Како што вели мојата пријателка и професионална соработничка Катерина Златановска Попова, станува збор за „четиво што истовремено мотивира, инспирира, охрабрува и незапирливо ве менува и ве трансформира да ја побарате посилната, подобра верзија од себе и од својот живот“.
Сите што сакаат да поразговараат со мене, да побараат совет или, пак, да предложат соработка, тоа можат да го направат преку svoja@sitemoizivoti и www.sitemoizivoti.com.
Автор на текстот: Ирена Чаушевска Даниловска, автор на „СВОЈА“ и соосновач на ЊуМенс бизнис акцелератор