На пензија се мисли додека си млад
- Детали
- понеделник, 19 октомври 2020
„Сѐ е лесно кога си млад! “ вели една стара изрека. И, не размислуваш многу за иднината. Живееш сега и тука.
Проблемите изгледаат толку далечни, а секој нов ден носи безгрижност и убавини. И така треба да биде – кога, ако не кога си млад!? Арно ама, годините брзо минуваат и полека сѐ се менува. Се менуваш и ти. Доаѓаат амбиции, потреби, мали желби и големи идеи за иднината. Доаѓа и по некоја работа, па и твоето прво вработување. И оп, веднаш со него стануваш дел од пензискиот систем. Си велиш – „Сега ли ќе му ја мислам, далеку е, а и комплицирано ми е некако“. Ова е став, кој треба да го промениш.
Подобро размислувај вака: “Што е тоа пензиски систем? Каде се наоѓам јас како дел од него? Сакам да знам што се случува со дел од средствата кои што се одвојуваат од мојата бруто плата?”. Доволно е да се информираш и да ја земеш иднината во твои раце.
Еве вака:
Нашиот пензиски систем е дел од социјалното осигурување и го сочинуваат три пензиски столба, односно пензијата може да се добива од 3 извора:
- Прв столб – Осигурување врз основа на генерациска солидарност (Фонд на ПИОСМ) е организирано, според принципот на тековно финансирање (pay-as-you-go), што значи дека сегашните осигуреници плаќаат за сегашните пензионери. Од првиот столб се исплаќа дел од старосната пензија, инвалидска пензија, семејна пензија, како и најнизок износ на пензија.
- Втор столб – Задолжително капитално финансирано пензиско осигурувањее осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, при што постои тесна поврзаност и зависност помеѓу обемот на вложените средства – придонесите и идните пензиски надоместоци што ги остварува секое лице засновани на пазарните законитости.
- Трет столб – Доброволно капитално финансирано пензиско осигурување е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, но на доброволна основа. Значајно за ова осигурување е што во него можат да бидат вклучени сите лица кои сакаат да обезбедат повисок обем на материјална сигурност покрај задолжителното осигурување, како и сите лица кои не се опфатени со задолжително осигурување (во првиот и вториот столб). Покрај тоа, со третиот столб се овозможува и основање и финансирање на професионални пензиски шеми. Од третиот столб се обезбедува финансиска заштита/надоместок за време на старост, инвалидност и во случај на смрт на осигуреникот.
Ова за тебе би значело:
Со твоето прво вработување веќе стануваш дел од пензискиот систем на РСМ. Секој месец од твојата бруто плата се издвојуваат средства во износ од 18,8 % за пензиски надоместоци, кои се распределуваат вака:
- 12,8 % се уплаќаат во првиот столб и служат да им се исплатат пензиите на сегашните пензионери (од првиот столб ќе ти се исплаќа дел од твојата старосна пензија) и
- 6 % се уплаќаат во вториот столб на твоја индивидуална сметка, чии средства понатаму се инвестираат и добивката намалена за трошоците на работењето на системот се додава (акумулира) на средствата на индивидуалните сметка (од вториот столб се исплаќа друг дел од твојата старосната пензија).
На овој начин си обезбедуваш поголема сигурност, бидејќи финансирањето на твојата идна пензија ќе се врши од два столба.
Ако сакаш да си обезбедиш дополнителен извор на средства за пензиски денови го избираш третиот пензиски столб, каде уплаќаш средства на твоја индивидуална сметка кои понатаму се инвестираат и акумулираат. Во доброволниот столб, уплаќаме кога сакаме и колку сакаме.
Ова е само почеток. Затоа кликни два-три пати. Дознај што сѐ можеш денес, за утре да ти биде поубаво. Е, тогаш ќе биде навистина лесно. А, и интересно!