Светски агенции: Со користење на IQOS се намалува изложеноста на штетни материи
- Детали
- понеделник, 13 јули 2020
Њујорк, 13 јули 2020 година – Компанијата Филип Морис Интернешнл може да ги информира своите потрошувачи во Америка дека IQOS, уредот кој го загрева, а не го гори тутунот, ја намалува изложеноста на корисниците на штетни хемикалии кои се наоѓаат во цигарите, објави во вторникот американската Агенција за храна и лекови (ФДА), а пренесува Блумберг.
Американската Агенција за храна и лекови во вторникот соопшти дека научните студии покажуваат дека целосниот премин од цигари на IQOS системот „ја намалува изложеноста на организмот на штетни и потенцијално штетни хемикалии“, што според изјавата на Мич Зелер, директор на Центарот за тутунски производи при Агенцијата, може да помогне на полнолетните пушачи да ги остават класичните цигари и да ја намалат изложенста на штетните хемикалии, но само доколку во целост преминат на овие производи.
Оваа одлука, како што истакнува Блумберг, „му дава на IQOS предност во однос на другите алтернативи какви што се електронските цигари, во обидот да се оттргнат пушачите од цигарите“. Другите производители, како што е наведено, не можат да изнесуваат вакви тврдења сѐ додека не добијат согласност од ФДА.
Американската агенција за храна и лекови истакна дека оваа одлука не значи дека IQOS е производ без ризик, туку дека може да биде „помалку штетна алтернатива за луѓето кои целосно ќе преминат од цигари на него“.
„Со оваа одлука, за Филип Морис се заврши процесот кој траеше речиси четири години. Компанијата поднесе барање до американската Агенција за храна и лекови овој производ да се вметне во категоријата производи со „модифициран ризик“ во декември 2016 година“, се заклучува во извештајот на Блумберг.
За оваа одлука на американската Агенција за храна и лекови известуваат и други водечки светски агенции, кои наведуваат дека IQOS е прв електронски производ со никотин и единствен производ кој ФДА го вметна во категоријата „производи со модифициран ризик“.
Ројтерс наведува дека издавањето на овој документ се „очекува да биде од корист за здравјето на населението“ и се додава дека компанијата Филип Морис сега е обврзана да спроведува контрола и студии со кои ќе се утврди дали препораките дадени во одлуката на ФДА се почитуваат на американскиот пазар. ФДА ќе следи и дали доаѓа до зголемена употреба на овој производ од страна на малолетни лица.
Од друга страна, угледниот американски магазин „Политико“ потсетува дека американската Агенција за храна и лекови во април минатата година ја одобри комерцијализацијата на уредот во САД, посочувајќи во тој момент дека се „разгледува дали конкретниот производ може да им помогне или не на возрасните пушачи да ги остават традиционалните цигари“.
Оваа дополнителна одлука, наведува Политико, е пресврт кој овозможува компанијата Филип Морис да ги информира потрошувачите дека IQOS е производ со модифициран ризик, кој значително го намалува создавањето штетни и потенцијално штетни материи во однос на класичните цигари.
IQOS е прв уред кој го загрева, а не го гори тутунот, кој има добиено дозвола за продажба од страна на Агенцијата за храна и лекови во САД, а компанијата Филип Морис овој уред го продава во повеќе од 50 земји во светот.