Сонична Младина со своја автентична иницијатива наречена „Овде е добро“
- Детали
- четврток, 05 март 2020
„Овде е Добро“ е серија од музички настани и видеа на социјални мрежи посветени на независната музичката сцена и на активната младина.
Многу повеќе од тоа, “Овде е Добро“ е иницијативa која има намера да поттикне размислување и дискусија помеѓу младите, за нивниот ангажман во социјалниот, културниот, економскиот, но и политички живот на земјава.
Воедно е обид за културно движење што ќе се занимава со лоцирање на проблемите од кои произлегува популарното незадоволство, но ќе има своја цел, преку отворен разговор и фактички дела да се пронајдат начини за овде да биде навистина добро за живеење и креирање.
Најавените музички настани ја слават најголемата инспирација и „најдоброто добро“ во кое уживаат младите - музиката, а со краткиот филм претставени се млади индивидуалци кои се „фрлени“ на самоорганизација и активна борба за задоволување на потребите, наместо очекување некој друг тоа да го стори тоа за нив.
„Активно учество наспроти банално критизерство. Тоа е порака што ја испраќаме и воедно објавуваме што ние правиме за да ни биде овде добро. Правиме музички настан со сјајна програма и музички имиња што во последниве години буквално ја одржуваат музичката сцена и атмосферата на овие простори.
Првиот настан ќе се случи во сабота на 7 март во Младинскиот културен центар Скопје, со настап на извонредно популарните, Artan Lili од Белград, кои ќе бидат специјални гости и ќе отсвират целовечерен концерт. Ќе ги слушаме и скопските Pluto's Doubts, еден од водечките бендови на новата генерација што радува огромен број локална публика.
Потоа, Muhamed Ibrahimi, виртуоз на гитара, шаркија и мандолина, со неверојатен углед кај публиката, ќе отсвири дел од неговите два досега издадени албуми и сигурни сме дека неговиот настап ќе биде попратен со нескриено воодушевување. Ги имаме и MvrSvr, ужасно популарен состав со силно контроверзен имиџ, омилени помеѓу младата екипа навлечена на трап/хип хоп звукот.
Blackstate е соло проект на Филип (Фиц) Тасевски од Новиот Почеток. Секој познавач на музиката ќе се сложи дека ова е неверојатно добар line-up за било каков фестивал, било каде.
Сепак се случува овде, зошто овде е добро“ – вели Лаика Попова, ПР на Сонична Младина на Македонија, организацијата зад настанот.
„Овде е Добро“ ќе продолжи со настаните низ неколку градови во Македонија, а помеѓу најавените музички имиња од програмата на овој „патувачки“ електронски фестивал се: BarumBarum во живо, еден од најпопуларните македонски диџеи Горан Кан, основоположникот на македонската електронска сцена Мирко Попов, моментално највозбудливиот битолски диџеј Berryqyat, омилениот Нино Флодер, Митрик заедно со својата Room 313 и Зоран Веселинов - човекот кој штотуку издаде музика за реномираниот домашен лејбел ПМГ Рекордингс и свири македонска турнеја.
Во рамки на „Овде е Добро“ ќе бидат прикажани и видеата што претставуваат млади луѓе кои со својот личен пример и дела придонесуваат овде да е навистина добро.
Цените на влезниците по симболична цена од 100 денари, публиката може да ги набави на билетарницата на Младинскиот Културен Центар или онлајн.