Промовирани првите четири изданија од едицијата сликовници за деца „Светулка“
- Детали
- понеделник, 16 декември 2019
Вчера во Детскиот креативен центар при МКЦ беа промовирани првите четири изданија од едицијата сликовници за деца „Светулка“, која ја организира издавачката куќа „Арт&Арт студио Батев “.
Промоторката Ана Голејшка Џикова им раскажа на дечињата за пораката што ја носат јунаците на овие четири сликовници, а вештиот уметник Спинус ја збогати програмата со својата циркуска претстава.
Едицијата „Светулка“ е составена од 15 нови поучни приказни напишани од неколку македонски автори, а првите изданија се илустрирани од илустраторката Иванка НиБа- академска сликарка, која работи како илустраторка и графичка дизајнерка. Непресушен извор на инспирација, како што таа вели, ѝ се детските цртежи, кои изобилуваат со фантазија, креативност и неповторливи форми.
Авторките на овие четири изданија ‒ Ана Батева, која воедно е и реномиран тетарски режисер, и Неше Рамовиќ, чии дела од книжевноста наменета за најмладите читатели за првпат ќе бидат издадени ‒праќаат силна порака за децата која е со поучен карактер од аспект на морални и мултикултурни вредности во општеството. Децата преку овие приказни ќе дознаат многу за тоа што значи да се чува природата, ќе ги согледаат големината на пријателството, значењето на различностите и силата и моќта на играта/работата во тим.
Сликовниците беа преведени на знаковен јазик, во видео форма, и беа подарени на дечињата со оштетен слух, кои исто така беа гости на оваа промоција. Во овој проект беа вклучени повеќе уметници и учесници од различни области: Кимова Соња, Никола Бочваров, Костадин Батев, Соња Стамболџиоска, Ивана Батев, Јадранка Ацеска, Иванка НиБа.
Изданијата ќе бидат преведени и на албански јазик, чија промоција ќе биде на саемот за книга, што го организира Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар.
Сликовниците се во продажба од денес, а за наредните месеци најавуваме промоција на останатите сликовници од едицијата и уште неколку изненадувања.