Град Скопје и Македонски Телеком ги носат „Парни Ваљак“ на новогодишната ноќ
- Детали
- петок, 14 декември 2018
Град Скопје како организатор и Македонски Телеком како главен покровител на пречекот на Новата 2019 година на плоштадот „Македонија“, на радост на сите сограѓани подготвија богата и разновидна програма за Новогодишните празници. Главна атракција на новогодишната ноќ ќе биде мега популарниот бенд „Парни ваљак“.
На плоштадот „Македонија“ веќе се поставени дрвени куќички како дел од новогодишната населба „Винтерленд“, каде се нудат рачно изработени сувенири, украси, книги, божикни подароци, како и гастрономски специјалитети и разни топли пијалаци за целосна и вистинска празнична енергија.
Детали за новогодишната прослава во центарот на Скопје на денешната прес-конференција соопштија градоначалникот Петре Шилегов и главниот извршен директор на Македонски Телеком, Никола Љушев.
„Една од најголемите југословенски поп-рок групи, хрватскиот рок бенд ‘Парни ваљак’, предводен од легендарниот Аки Рахимовски за Нова година во Скопје ќе ги испее вонвременските хитови со кои израснаа многу генерации во Македонија и во регионот. Мојот драг пријател Аки со задоволство ја прифати оваа понуда. Имајќи предвид дека тој долго време живеше во Скопје и дека овој град има посебно место во неговото срце, со сигурност можам да кажам дека новогодишна вечер во нашиот главен град ќе биде посебна за него и незаборавна за сите нас. Центарот на Скопје, од утре, сабота, ќе почне да живее во новогодишна еуфорија, со цел на граѓаните да им овозможиме пријатни моменти поминати со своите роднини и пријатели. Предвидена е програма и за најмладите која ќе ја разбуди нивната радост. Со еден збор, ќе има забава за сите генерации“, рече денеска градоначалникот Шилегов.
„Македонски Телеком и Градот Скопје веќе 14 години по ред одлично соработуваат при организацијата на новогодишната прослава во нашиот главен град. Како телекомуникациска компанија која ја има најдобрата мрежа во земјава, секогаш се трудиме на граѓаните да им овозможиме беспрекорна комуникација во текот на целата година, и многу повеќе од тоа, да помогнеме во организација на настани во овој период од годината кои ќе ја збогатат новогодишна атмосфера. Затоа, во името на Македонски Телеком, на македонските граѓани им посакувам среќни празници, да се забавуваат, дружат и да креираат и споделуваат незаборавни доживувања со најблиските“, изјави Никола Љушев, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
Со програма којашто почнува утре, „Винтерленд“ секојдневно ќе има различни активности за забава и рекреација за нашите сограѓани, а во текот на викендите ќе бидат организирани приредби за најмладите и концерти за возрасните.