Ексклузивни перформанси на Џијан Емин и Рисима Рисимкин за роденденот на Завар компани
- Детали
- вторник, 04 декември 2018
Иновативно, уникатно и креативно компанијата Завар го одбележа својот 30ти роденден. Компанијата специјализирана за заварување, процесна опрема, иновативен дизајн на грејни тела и ентериери од метал на свеченоста по повод 30тиот роденден организирана во Македонската филхармонија од својата работа и производи создаде комплетно мултимедијално уметничко доживување.
Дизајнерскиот тим на Завар дизајн се потруди сите елементи од прославата да дишат во духот на брендот. Просторот беше уреден и пренаменет во своевидна галерија каде гостите имаа можност да ги погледнат уникатните дизајнерски дела, скулптури и производи од Завар.
Џијан Емин заедно со група музичари изведе невообичаен перформанс, во кој создадоа музика од инструменти од инокс. За таа цел во соработка со Џијан Емин беа дизајнирани и изработени од Завар 15 музички инструменти кои во рацете на овие високоталентирани музичари создадоа музика на која „танцуваше“ и светлоста и продуцираа уникатно аудио-визуелно доживување произлезено од најфино изработен инокс. Целосното доживување беше дополнето од специјалниот танцов перформанс насловен како „Егзистирање – ние сме fancy pеople“ според кореографијата на Рисима Рисимкин, а изведен од Адријана Данчевска, Матеа Киселичка, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска и Бобан Русески.
Како потсетување на овој редок и единствен од ваков вид настан, гостите присутни на 30годишнината на Завар, си заминаа со уникатен подарок, специјално дизајниран и изработен од Завар.
Сите елементи од свечената прослава беа ставени во функција на брендот и на производите на Завар и за таа цел беа создадени со голема посветеност и внимание. Со тоа Завар уште еднаш покажа дека има визија која отскокнува од едностраното гледање на примената и функцијата на металите, како и за нивното ставање во естетски или секојдневен практичен и прагматичен контекст.
Генералниот директор на Завар, Марта Наумовска Грнарова свеченоста ја заокружи со донација за Македонската филхармонија на вредна скулптура изработена од инокс според колекцијата дизајн радијатори Drop дизајнирана од студио Капка.