Vip со поддршка на извидниците во Македонија
- Детали
- петок, 13 јули 2018
Скопје, 13 јули 2018г. - Телекомуникациската компанија Vip со гордост ја објавува соработката со Сојузот на извидниците на Македонија и ја најавува поддршката за 12 –та македонска извидничка смотра која ќе се одржи од 14 до 22 јули во охридското село Скребатно.
На овој извиднички настан од интернационални размери што се одржува на секои пет години, Vip се приклучува како компанија која секогаш безрезервно ги поддржува младите и нивните афинитети за стекнување нови вештини, за дружење и авантури на отворено, надвор од урбаните средини. Во рамките на настанот, покрај 100 таканаречени работилници во кои извидниците ќе имаат можност да ги испробаат и надградат своите вештини, вработени – волонтери од Вип, со особено задоволство ја прифатија поканата за одржување работилници за најмладите скаути на тема “Безбедно користење на интернет” и предавање за развојот на најнапредните дигитални технологии кои претставуваат секојдневие на младите луѓе.
Самата локација и теренот нудат голем број на можности за извиднички авантури и забава. Планинскиот терен и околината на селото нудат прекрасно окружување за копнените активности кои се дел од програмата, како планинарење, хајк, качување по карпа, потрага по богатство, додека непосредната близина на кампот до Охридското Езеро овозможува реализација на доста водени активности како, пливање, нуркање, едрење, рафтинг и многу други, но секако и можност за запознавање на извидниците со убавините кои ги нуди Охридскиот регион.
На смотрата учество ќе земат над 1.200 извидници од Македонија и од 15 други земји: Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Израел, Молдавија, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Украина, Франција, Хрватска, Црна Гора и Чешка.