Триглав Осигурување обезбеди City Tree за Скопје во партнерство со Еко-свест и Општина Аеродром
- Детали
- вторник, 26 јуни 2018
Триглав Осигурување, во партнерство со Еко-свест, како изведувач, и Општина Аеродром, како примател на спонзорство, обезбеди City Tree инсталација за Скопје, која што придонесува кон ублажување на проблемите со загадувањето на воздухот во градот. Инсталацијата, која што се постави во населба Аеродром, претставува биолошки филтер, кој што го прочистува воздухот од штетни материи, како азотни и сулфурни оксиди, јаглерод диоксид и моноксид и ги отстранува тешките метали.
Триглав Осигурување, како член на Групацијата Триглав, тежнее кон инкорпорирање на општествената одговорност во сите аспекти од својата работа. Одговорноста кон социјалното опкружување претставува основа за одржлив развој, затоа Триглав континуирано се обидува да земе активно учество во средината во која што работи и да придонесе кон позитивни промени за луѓето и за животната средина. Според г. Ѓорѓе Војновиќ, главниот извршен директор на Триглав Осигурување, Триглав ја препознава важноста на одговорен пристап и комуникација, како предуслови за заеднички развој. “Се обидуваме да ги препознаеме потребите на средината и да одговориме соодветно, преку градење на долгорочни партнерства, кои обезбедуваат взаемен прогрес. Решенијата кои што ги заштитуваат животот, природата и здравјето на луѓето се од најголем значај за нас. City Tree е едно токму такво решение, коешто нуди огромни придобивки за луѓето и за средината, како прочистување на воздухот, намалување на загадувањето и на температурата во својата околина. Се надеваме дека овој проект и ова партнерство ќе мотивираат и ќе помогнат во процесот на создавање на култура на живеење, ќе ја подигнат свеста кај граѓаните за загадувањето и за грижата, започнувајќи ново поглавје, коешто ќе помогне во наоѓање решенија за ублажување на проблемите со загадувањето на воздухот”, дополни г. Војновиќ.
City Tree претставува иновативна структура од мов со моќ на прочистување на воздухот од штетните честички на прашина и други гасови. Таа е совршена комбинација од новата технологија и прочистувачката моќ на растенијата, што ја прави само-одржлива и долготрајна вертикална градина, пријатна за очите и корисна за сите. Го неутрализира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и може да се адаптира на секоја животна средина. Има прочистувачки ефект како 275 дрвја и е извонреден начин за справување со климатските промени, бидејќи нуди разладување од 17°С во радиус од 5 метри поради природната функција на растенијата.
“City Tree е направено од голем број на растенија кои функционираат заедно во симбиоза, што значи меѓусебно се поддржуваат и си помагаат за успешен опстанок. Кога ја спомнувам симбиозата или заедништвото, сакам да истакнам дека овој проект е навистина една симбиоза помеѓу различни чинители, и тоа Триглав Осигурување, како спонзор, Еко-свест како изведувач и Општина Аеродром како примател на спонзорство во името на граѓаните. Реализацијата на овој проект немаше да биде возможна без заедничките напори од сите вклучени страни, па и од други чинители, кои со својот придонес овозможија оваа убава структура да го најде своето место во Аеродром. Самата инсталација претставува силна симболика – тука е да потсетува дека заедничките напори на сите чинители во нашето општество се многу значајни, дури и пресудни за креирање на чиста и здрава животна средина за нашите граѓани. Оваа инсталација е тука за да поттикне уште вакви иновативни и зелени проекти и да поттикне уште повеќе зеленило во нашите урбани средини”, изјави во оваа прилика г-ѓа Ана Чоловиќ Лешоска, Извршна директорка на Еко-свест.
Општина Аеродром преку оваа соработка го добива првиот City tree на својата територија.
“Особено ми е драго што сум тука денеска, заедно со нашите партнери, Триглав Oсигурување и Еко-свест, да ја одбележиме успешната реализација на овој проект“, изјави Градоначалникот на Општина Аеродром, г. Златко Марин. “Долгогодишниот проблем со загадениот воздух за жал нема брзо решение, но ние, како Општина, посветено работиме во таа насока. Така, буџетот за заштита на животна средина го зголемивме за 20 пати во споредба со минатата година, односно алоциравме околу 300.000 евра за заштита на животна средина. Борбата за почист воздух е моја лична заложба и еден од основните приоритети на оваа локална самоуправа. Во рамките на предвидените мерки се стремиме да поттикнеме и вакви иновативни решенија. City tree ја подигнува јавната свест и претставува своевиден потсетник дека сите треба да сме активни чинители за чиста животна средина. За него ја одбравме токму оваа локација, како една од најфреквентните за моторни возила, но и за пешаци.
Во оваа прилика, исто така би сакал да се заблагодарам и на одделението за сообраќај при СВР Скопје, полициската станица Аеродром, Гама градба и трговскиот центар Бисер, кои несебично овозможија логистичка поддршка за успешно поставување и понатамошно одржување на City tree. Општина Аеродром продолжува активно да работи во насока на обезбедување чиста животна средина за нашите жители. Ги охрабрувам сите кои имаат интерес и сметаат дека можат да помогнат, да се вклучат во овој процес“, заклучи г. Марин.