Витаминка започна со производство на маслото Брилијант
- Детали
- понеделник, 16 април 2018
(Прилеп, 16.04.2018) – Витаминка, по преземањето на штипски Брилијант го рестартира производството на познатиот бренд. За таа цел, во погоните во Штип повторно се ангажирани околу 70 поранешни вработени.
Новопроизведениот Брилијант е висококвалитетно тројно рафинирано масло за јадење. Произведено е на современа и технолошки модерна опрема од германско потекло што ја прави фабриката во Штип единствена на Балканот со три рафинатори во производниот процес со капацитет на рафинираторот од 150 тона дневно или 39 илјади тони годишно.
„Со рестартирањето на производството на Брилијант, Витаминка влезе во нова фаза од своето работење и отвори нови перспективи во развојот на компанијата. Покрај обезбедувањето на суровинска база за потребите на производството, новиот Брилијант значи и висококвалитетен производ единствен по составот, чистината и технолошкиот процес достапен за граѓаните. Така, оваа инвестиција добива многу поголемо и пошироко значење а за Витаминка ќе значи пред се подобрена деловност и можност за растење“, изјави Сашо Наумоски, Генерален извршен директор на Витаминка.
Новиот Брилијант ќе биде достапен со препознатливиот изглед, но помодерен, со мал редизајн на етикетата. Витаминка, со неодамнешното потпишување на купопродажниот договор се стекна со сопственост на целиот недвижен и движен имот на штипскиот производител и правата од индустриска сопственост, што вклучува трговски марки и индустриски дизајн.