Амбасадата на САД во Македонија ги слави различностите и посветеноста на науката
- Детали
- среда, 21 февруари 2018
Инспиративниот настан на Амбасадата на САД во Македонија испрати порака за важноста на научните достигнувања и потребата од сплотеност на луѓето за подобар живот и посветла иднина.
На 20.02 во Македонскиот културен центар со изложба на роботика, коктел и приватно прикажување на филмот „Hidden figures“ во киното Фросина се одбележи февруари, месецот на славење на достигнувањата на Афроамериканците.
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, која неуморно работи на градење мостови, го организираше овој настан во кој покрај нагласување на важноста на Афроамериканците во научните достигнувања и историјата на САД, се потенцираше дека САД има за цел поттикнување на амбицијата за развој на науката кај сите луѓе во целиот свет, без разлика на бојата на кожата, верската или националната припадност.
Храброста, интелигенцијата и иновативноста не познаваат граници, па така човештвото мора да биде сплотено за да оствари некои повисоки цели, беа дел од пораките што ги испратија членовите на амбасада на САД во Македонија во своето обраќање до посетителите.
На изложбата на роботика млади ентузијасти покажаа некои свои дела, па така видовме инсталации на роботи изработени од Solar Data Colector, American corner од Скопје и Битола, од ученици од приватното училиште Јахја Кемал и студенти од универзитетот Свети Кирил и Методиј.
Американско-македонската соработка на поле едукација трае со години и не запира тука.
Прикажувањето на филмот „Hidden figures“ (Скриени ликови) беше во дух на славење на луѓето што имаат храброст да се спротивстават на правилата и со својот капацитет да испишат историја.
Ова врвно филмско достигнување говори за тимот на афроамерикански жени математичари и инженери во склоп на НАСА, кои поместувале граници на почетокот од 60-тите години во минатиот век.
Биографската инспиративна драма им оддава почест на Katherine Goble, Mary Jackson и Dorothy Vaughan, кои успеале да пребродат огромни пречки, да извршат големо влијание врз вселенската програма на НАСА и да заземат водечки позиции во организацијата.
Вложените напори денес ќе значат многу за унапредување на животот, па така постојаното истражување на поле наука ни е картата кон подобра и посветла иднина.
С. С. | Црнобело