Летна авантура - Кампување на Корабски водопад
- Детали
- вторник, 04 јули 2017
Кога ќе запече скопскиот асфалт, до точка на усвитување, прва асоцијација што ви доаѓа е – ладовинка, свежина, бистра планинска вода, пријатно ветре што разладува.
Асоцијацијата има име и се вика – Корабски Водопад. Пројфелскиот водопад, како што уште е познат овој највисок непостојан водопад во Македонија, е сместен во долината на Длабока река, една од притоките на Радика, и е бисер на корабскиот масив на 2000 метри надморска височина под Мал Кораб, од каде се стрмоглавува низ карпите формирајќи слап висок 126 метри, одземајќи го здивот со својата убавина.
Овојпат пред неуморната екипа на I love hiking во саботното утро неколку предизвици - Предизвик број 1: Стасај до Корабскиот водопад (2.000 м) во најтоплиот ден од почетокот на летото на плус 40, Предизвик 2: Стори го тоа со фул опрема за кампирање, предизвик 3: Организирај камп во дивина, оддалечена на пет часа одење до најблиската цивилизација за преку 40 вљубеници во планината!
Предизвикот прифатен – ранците натоварени, шаторите здиплени чекаат да бидат распослани во подножјето на водопадот, купачите и другите летни реквизити подготвени за епизодата наречена Корабски во лето. Авантурата може да почне!
Ниту сонцето што неуморно пржи, ниту тешките ранци ниту повеќечасовното искачување до крајната дестинација не се пречка за насмеаните лица на хајкерите и хајкерките во тоа блескаво утро, додека пред нив се исправаа висовите над Рибница, а столетната букова шума ги очекуваше во своите прегратки.
Сезона на шумски јаготки е, наведни се, набери една, друга и оп - веќе си на Пралуга, полпат до Корабски. Оттаму пак се нурнуваш во шума, но не било каква туку токму Шумата, онаа како излезена од „Господарот на Прстените“, сета магична во својата игра на светлините и сенките.
Кога конечно ќе изнуркаш, само неколку чекори и оп! – на терасата си, онаа со совршениот поглед кон Корабски водопад. Летото и неумоливото сонце ја намалило на минимум бучавата на водопадот, снегот одамна е истопен и корабските води ни оддалеку не се онака диви и заглушувачки бучни како што знаат да бидат во мај, но карпите на Корабскиот водопад и натаму имаат изненадување за своите гости, желни за разладување.
До подножјето на водопадот кој е крајната дестинација на веселата екипа зависници од планински убавини и каде ќе биде поставен кампот, уште саат одење.
И конечно – идеално место за камп-населбата, привремениот дом на планинарските авантуристи на I love hiking или подобро кажано – хотелот „со милион ѕвездички“. Рекичката пресушила, водопадот повеќе не ја храни со изобилие на вода, но, нејзиното камено корито е одлично за журка покрај огин, со колбаси и винце.
Оган и весело расположение - да, но одговорност за безбедноста на природната убавина во која само гостуваме – пред сè!
Во тивката ноќ со ѕвезди, другарување крај огнот, со тишината на планината, со ветрето што ги гали шаторите на изморените качувачи, додека сите оние милион ѕвездички трепкаат во летната ноќ.
Утро под Корабскиот водопад? Бесценето! Портокаловата топка најпрвин ѕирка од зад стрмните карпи, за потоа за неколку мига да се појави и да го обои со руменило кампот и целата долина заедно со врвовите Кабаш, Рибничка скала... Го гледаш тоа од својот шатор и сфаќаш дека за оваа премиера си добил карти во ВИП ложа и без да знаеш.
Додека ја чекаме екипата која со Алекс и Петар доаѓа да ни се придружи, време е за разладување под ладните водени нишки на Корабски водопад! Конечно заедно со нив, уште малку дружење и полека назад, малку неволно, кон цивилизацијата...хеј, и ладното пивце, за крај!
До следниот викенд!
Југослава Дуковска