Недоволниот број на контејнери главна причина за недоволното селектирање и рециклирање на отпад, покажа истражувањето на Пакомак
- Детали
- вторник, 18 април 2017
Пакомак-друштвото за управување со амбалажен отпад и годинава направи темелно истражување со цел да го испита пулсот на граѓаните во Македонија во однос на нивната свест кога е во прашање екологијата и селектирањето на амбалжниот отпад. Испитувањата и анкетите со 1000 испитаници од различни старосни групи, беа направени од страна на агенцијата „Квантум комуникации” и беа спроведени во февруари годинава опфаќајќи 7 градови и тоа: Скопје, Куманово, Битола, Струмица, Тетово, Штип и Охрид.
Истражувањето покажа дека граѓаните во поголемите градови во земјава имаат релативно висока свест и развиени навики за селетирање на отпад. 33,9% од нив, редовно или често селектираат барем еден вид на отпад. Но, сепак Битола и Скопје се двата града каде статистички повеќе граѓаните селектираат во споредба со другите истражувани места.
Според возраста, граѓаните на возраст над 30 години се оние кои селектираат најмногу, и тоа се најчесто родители на деца на возраст од 7-13 години, кои тоа го прават заедно со своите деца. Додека младите од 18-30 години значително помалку го прават тоа. Ова може да се должи и на фактот што голем дел од нив се студенти, кои сè уште немаат развиено свест и навика, како и поради тоа што имаат помал квантитет на отпад во домот.
Сепак се чини дека главна причина за неселектирање е немањето доволно контејнери за селективно одложување на отпадот, покажува истражувањето. Ова го изјавиле дури 66% од анкетираните кои рекле дека поради тоа и не селектираат отпад. Немањето навика или свест е причина за само 11% од анкетираните, што упатува на заклучок дека обемот на селектирање и рециклирање може значително да се зголеми со бројот на кантите, односно достапноста. Оттаму, инвестициите во поголема достапност на канти, како и олеснувањето на самиот процес ќе донесе и зголемување на обемот на собраниот селектиран отпад.
Само 17% од анкетираните изјавиле дека во близина на својот дом имаат контејнери за селектиран отпад. Ова укажува на сериозен дефицит од вакви контејнери ако се земе предвид претходно утврденото високо ниво на свесност и мотивираност за селектирање и рециклирање.
А речиси 90% од граѓаните изјавиле дека доколку имаат вакви контејнери во близина на својот дом речиси сигурно би ги користеле.
„Пакомак од своето основање до денес има реализирано бројни донации на полето на подобрување на соодветната комунална инфраструктира, со цел да се олесни процесот на селектирање на отпадот, но се потребни многу поголеми инвестиции, грижа и контрола за нејзината соодветна намена на постоечката инфраструктура од страна на надлежните институции и општини. Нашиот фокус е насочен и кон подигнување на свесноста и совеста кај граѓаните за важноста секој од нас да се грижи за отпадот кој го остава зад себе. Ваквата култура на живеење е еден од главните чекори за да можеме да кажеме дека се стремиме кон модерно и современо општество со здрави навики и еколошки однос кон природата. Овие истражувања ги практикуваме со цел да добиеме слика за тоа во колкава мера сме успеале во нашите замисли и напори и во која насока да продолжиме да делуваме”, изјави - изјави Филип Ивановски, главен извршен директор на Пакомак.
Како за споредба во земјите на ЕУ кои имаат висока стапка на рециклирање на отпадот, има еден сет контејнери за селекција (жолт, син, зелен) на 200-500 жители, завсно дали е урбана или рурална средина. Тоа би значело дека во РМ требаат најмалку 4.000 локации за селекција или вкупно 12.000 контејнери за да може селективно да се одложува отпадот.
Пакомак е друштво за управување со амбалажен отпад и игра важна улога во општеството, грижејќи се за здравјето на луѓето и природата преку едукација и подигнување на свесноста за паметна организација на отпадот. Негова долгорочна стратегија е зголемување на инклузивноста и партиципацијата на граѓаните во овие процеси, а следствено на тоа и зголемување на обемот на селектираниот и рециклиран отпад.