Македонски таленти - Уметноста на Ирена, заболена од церебрална парализа
- Детали
- четврток, 20 октомври 2016
Синоќа во изложбениот простор на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, беше отворена првата изложба на ресенчанката Ирена Пешеска.
16 годишната ученичка во втора година во гимназијата Цар Самуил, Ирена Пешеска, која боледува од церебрална парализа и се движи во количка, на необичен начин дошла до идејата да создава уметност со стакло. Откако пред една година случајно скршила стаклен предмет во домот, за да не биде искарана предметот го залепила со лепило и бронза и создала вазна, која и ја подарила на својата мајка. Оттогаш, го открила сопствениот талент, па работејќи со скршени шишиња и создавајќи уметност од нив, досега направила околу 350 предмети, кои можат да најдат украс и примена во секој дом.
„Моето задоволство, како директор на Домот на културата „Драги Тозија“, кој воедно е организатор на изложбата, е тоа што нашата установа е домаќин на изложбата на Ирена, која преку својата работа докажа и покажа дека инвалидитетот не е пречка да се твори и да се создава. Уметноста е нешто кое треба да се истакне, како што тоа го прави Ирена, преку своите предмети“, рече Васко Василевски, директор на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен.
Изложбата беше посетена од голем број сограѓани на Ирена и имаше продажен карактер. Беа продадени околу 200 од изработените предмети со симболични цени.
„Во еден разговор, Ирена ми рече дека е свесна оти не може да работи и заработува, но можеби овие лични изработки покрај задоволство, ќе и донесат и одредена финансиска помош. Тоа го нагласи повеќе пати и истакна дека ова може да и биде животна цел. Таа размислува да ја прошири својата палета на изработки и во вид на слика. Ирена е пресреќна, а оваа изложба само и даде поттик да размислува понатаму да се занимава со ова хоби“, рече мајката на Ирена, Гордана Пешеска.
И оваа изложба во Домот на културата „Драги Тозија“ се одржа под покровителство на градоначалникот на Општина Ресен, д-р Ѓоко Стрезовски, со поддршка на Министерството за култура.