Лимак ќе гради во Скопје комплекс кој се очекува да биде најмаркантен градски симбол
- Детали
- вторник, 09 август 2016
Реномираната и светски позната градежна компанија Лимак за кратко време ќе започне со изградба на грандиозен комплекс вклучително и тунел на просторот околу Старата железничка станица во Скопје. Проектот го помина периодот на планирање, така што ќе се гради современ, атрактивен, мултифункционален деловно - резиденцијален комплекс кој ќе има за цел да го спои симболот на градот - Старата железничка станица со модерните потреби и животни навики на граѓаните на Скопје.
Проектот ќе вклучува околу 1.000 станови во 20-катни згради со по 1, 2 или 3 спални соби, канцеларии, трговски центар, хотел, простор за слободни културни активности каде ќе биде сместен Музејот, ќе има места за јадење и пиење, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.000 автомобили. Постоечката зграда на Музеј на град Скопје, која се планира да биде возобновена од градските власти, ќе биде умешно вградена во склоп на комплексот. Површината на вкупниот проект ќе биде околу 300.000 квадратни метри.
За сите оние кои се уште веруваат во Скопје и во духот на градот што дише во слобода и автентичност, овој нов комплекс ќе понуди одново заживување на делот од градот што со децении беше неуреден и запоставен.
Со новата, функционална, а сепак естетски возбудлива архитектура на ова ново комплексно и хармонично архитектонско дело, Скопје ќе добие уште едно урбано собиралиште за квалитетен живот на граѓаните.
Тунелот кој ќе се гради ќе биде двонасочен коловоз во 6 ленти со должина од 800 метри, ќе го дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје. Станува збор за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот.
Несомнено, овие капитални инвестиции ќе значат многу за градот, а граѓаните ќе добијат објект на кој ќе бидат горди.
Основана во 1976 година, Лимак Холдинг е светски реномирана компанија со седиште во Турција, специјализирана за секаков вид инфраструктурни и градежни проекти, вклучувајќи аеродроми, пристаништа, автопати, брани, хидроцентрали, фабрики, индустриски објекти, цевководи, хотелиерство и туризам.
Како компанија која поставува силно посакувани, високи стандарди во овие области, Лимак Холдинг се најде на листата на 250 Топ градежни компании рамо до рамо со светски докажани градежни магнати, според Engineering News-Record (ENR).
Компанијата гради капитални објекти во повеќе од 13 земји во светот, а успева да го трасира патот на успехот спојувајќи технички вештини и долгогодишно искуство, квалитет и брзина, напредна технологија и креативност, општествена одговорност и деловна етика.