Меѓународното училиште „Нова“ и фондацијата „Борис Трајковски“ го распишаа конкурсот за стипендирање ученици
- Детали
- понеделник, 22 февруари 2016
Меѓународното училиште „Нова“ и фондацијата „Борис Трајковски“ го распишуваат годинашниот конкурс за доделување три целосни стипендии за четиригодишно школување во оваа образовна институција.
Стипендиите се доделуваат 11. година по ред, а се наменети за ученици од земјава кои по завршувањето на основното образование сакаат школувањето да го продолжат во гимназијата „Нова“. Пријавувањето на конкурсот почнува на 22 февруари, а ќе трае до 10 март 2016 година и е отворен за сите ученици од деветто одделение.
Кандидатите се пријавуваат со поднесување електронска апликација преку интернет страницата на „Нова“. Селекцијата на кандидатите се врши преку тестирања по англиски јазик и математика, и напишан есеј на зададена тема. Најдобро пласираните дваесет и пет кандидати ќе треба да поминат дополнително тестирање, додека шест од нив ќе имаат и интервју пред стручна комисија.
Тројцата стипендисти, освен што ќе добијат целосни стипендии за школувањето во „Нова“, ќе добијат и поддршка за време на четиригодишното школување активно да учествуваат во локални, регионални и меѓународни соработки и настани. Преку овие можности тие ќе се надградат со цел да ја претставуваат мисијата и визијата на училиштето, фондацијата, но и својата држава.
- Квалитетното образование е темел врз кој се градат успешните луѓе. Токму тоа е и целта на оваа програма за стипендирање, да им помогне на идните ученици да се осознаат, да соработуваат, и да ги остварат своите сништа и кон подобрување на својата заедница. Досегашните резултати покажуваат дека сме успешни на овој план. Нашите стипендисти по матурирањето го продолжуваат својот пат успешно, а дел од нив веќе се потврдени професионалци во својата област, што нѐ прави особено горди – велат од меѓународното училиште „Нова“.
Програмата за стипендирање почна во 2005 година, досега ја завршија осум генерации матуранти, кои своето образование го продолжија на врвни факултети во Европа и во САД.