Бевте на шопинг во Солун?
- Детали
- среда, 20 јануари 2010
Викендов и вчера Солун беше преплавен со македонци. Кој со виза, кој со биометриски пасош сите се затрчаа кон јужниот сосед. Најголем дел со...
...организираните тури од нашите агенции кои овој пат обезбедија и повеќе од еден автобус.
Повратните карти се движат од 600 па се до 1.000 денари – во зависност од тоа каква среќа ќе имате и во која агенција ќе се јавите.
Што ги дочека нашите шопинг-зависници во Солун?
Најпрво долгометражни колони на граница. Кога веќе сите се истоварија во Солун – трка низ продавниците. Кој стигнал пред да отворат, кој малку задоцнил сите трчаат колку е можно побрзо да стигнат да дофатат некое парталче кое има безобразно ниска цена како резултат на огромните попусти од 50 до 70%.
Што македонци, што грци кои го дочекале викендот за да си купат нешто – продавниците повеќе наликуваат на кинески пазар. Парталчиња расфрлени на сите страни, кој ги гази кој ги влече, едвај се разминувате со упорните купувачи. Кога веќе сте дофатиле едни фармерки ви се врти во глава кога ќе го видите редот пред гардероба, па затоа си велите “Ех, за 15 евра па и не морам да пробувам!“.
Но, кога ќе го видите редот до касата – е тогаш најверојатно сите се откажувате и се решавате да си ја пробате среќата во следната продавница.
Или пак сте се упатиле кон COSMOS. Едвај сте успеале да фатите такси (и да најдете уште некоја жртва која ќе мора да оди со вас, бидејќи таксистите во Солун не возат 2-ца или 3-ца), со цел да стигнете пред вашата група да стигне со автобусот.
Пред COSMOS повторно хаос. Стотици автомобили се вртат во круг. Во продавниците иста песна. Па најверојатно сте се откажале и сте седнале да јадете во некој од многубројните фаст фуд ресторани.
На брзинка сте протрчале низ IKEA и JUMBO, надевајќи се дека ете барем на FREE SHOP ќе имате можност да пробате некој нов парфем или спортска облека.
20-те минути кои ви се дозволени за посета на FREE SHOP наеднаш стануваат 40, бидејќи грците решиле да отворат само 2 каси, па и тука колоната е бајаги долга. Ама сте решиле да бидете упорни па тука има да почекате па ако сака нека побегне автобусот.
Неизбежна е и царината каде сите еден по еден ги отварате торбите и ќесите и тука сигурно сте “утепале“ уште 2 часа.
Така видно преморени, си доаѓате дома околу полноќ измрцварени во буквална смисла на зборот, со надеж дека следниот пат ќе имате повеќе среќа во шопингот.
Искрено, вредеше ли времето поминато во Солун изминативе денови?