Француско Македонската мрежа за #КОП21 продолжува
- Детали
- четврток, 10 септември 2015
42 млади од Биди Зелен Клубовите, Македонските Извиднички одреди и француската организација од Долна Нормандија – “Familles Rurales” учествуваа на Кампот за климатски промени што се одржа од 16ти до 19ти август во с. Скребатно на падините на планината Галичица во Македонија.
Целта на кампот беше да ги едуцира учесниците за влијанието, последиците, намалувањето и адаптирањето на климатските промени и важноста на Самитот за климатски промени на Обединетите Нации (КОП21) што ќе се одржи оваа година во Париз, Франција. Кампот беше фокусиран на развивање на младинската мрежа и преку тренинзи и интерактивни работилници им овозможи на младите да ги развијат своите вештини за како да предводат и организираат кампањи.
Покрај едукативните сесии за климатските промени, беа одржани работилници за јавно говорење, интерактивни игри и дискусии. Еден од многуте предизвици на кампот за младите беше да го синхронизираат стекнатото знаење за климатски промени со уметност и креативно изразување со цел да ја пренесат пораката на кампањите до пошироката јавност.
По завршувањето на кампот, на 21ви август, Гоу Грин организираше настан “Културна размена и учење” во Музејот на Македонија каде што учесниците од кампот ги споделуваа културните разлики помеѓу Македонија и Долна Нормандија. Поздравен говор и претставување на Францускиот филм со еколошка порака имаше г-ѓа Изабел Марки Барбо од Францускиот Институт во Скопје. За време на втората половина на настанот, македонска традиционална храна беше сервирана и македонски бенд ги забавуваше учесниците на културната вечер.
Настаните се дел од проектот „Младите за пониски емисии на ЦО2“ поддржан од Француската Амбасада во Македонија и Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија.