Скопски Карпош исчистен и разубавен
- Детали
- вторник, 26 мај 2015
Продолжува успешната акција на Пакомак и на Тинекс маркетите за пролетно чистење на подрумите.
По одличниот одзив на граѓаните во акцијата за чистење на подрумите од средината на април, Пакомак и Тинекс маркетите овој пат одлучија да го активираат локалното население од Карпош 4 во акцијата „Пролетно чистење на подрумите“.
Оваа иницијатива ги мотивира граѓаните да ги исчистат своите подруми, шпајзови, лоџии и други простории и да се ослободат од стаклото што не го употребуваат, а кое со години фаќа прав и пајажина.
Акцијата што се реализираше на 16 и 17 мај беше одлично прифатена, а во само два дена беа собрани над 7.500 килограми стакло кое се одложува во специјализираните контејнери поставени пред двата Тинекс маркети во Карпош 4. За 7 шишиња или тегли, граѓаните добиваа пролетно семе за цвеќе за своите тераси и дворови.
„И првата и втората фаза од акцијата „Пролетно чистење на подрумите“ ни потврди дека ваква иницијатива одамна недостасувала, а количината на собраното стакло потврдува дека многумина од нас чуваат нешта кои навистина никогаш не ги употребуваат. Но веќе е познато дека она во што другите гледаат отпад, Пакомак гледа корисен материјал. Затоа ги повикувам сите да се ослободат од стаклото кое повеќе не го употребуваат, а ние ќе се погрижиме да го рециклираме“ - изјави Ико Брдароски, Менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Тинекс маркетите се трудат да овозможат поддршка на проекти од општествено значење и подобрување и унапредување на околината. Заедно со Пакомак и со потрошувачите покажаа висока свест и одговорност кон животната средина и еден од најголемите предизвиците на современото живеење - отпадот.
Стаклото зафаќа голем дел од домаќинскиот и индустрискиот отпад, сметајќи на тежината и на густината на материјалот. Се произведува од природни материјали е идеален материјал за рециклирање, бидејќи може да се рециклира бесконечно.
Пакомак ќе продолжи со акцијата на собирањето на амбалажен отпад од стакло, но и со разубавување на терасите и дворовите на граѓаните.