Лица без маски: „Ништо не е црно и бело... ВИСТИНАТА Е ВО СРЕДИНАТА“
- Детали
- среда, 10 септември 2014
Под мотото „Вистината е во средината“, во петок на 12 септември, во Универзална сала-Скопје, почнува седмото по ред издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.
Свеченото отоврање ќе биде со мултимедијалната претстава „Плацебо“, на танцовиот театар на НБУ, чиј потписник на режијата е истакнатата кореографка и режисерка од Бугарија, Ана Пампулова.
Годинешната програма како и во претходните изданија е насочена кон промоција на независни театри од Европа, а посебен акцент е ставен на македонската независна продукција.
„Се одлучивме за слоганот „Вистината е во средината“, зашто истиот кореспондира со претставите кои се застапени во официјалната програма на годинешниот фестивал. Тоа се претстави од европската, но и македонска независна професионална продукција, кои ќе ни понудат вистини кои не се црни или бели, леви или десни, наши или ваши. Тоа се претстави кои креираат нови светови“, истакна Миодраг Костиќ, директор на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.
Селекторот на програмата на фестивалот Игор Ивковиќ, рече дека оваа година имаат есклузивна програма од единаесет театарски.
„Горди сме што годинава на програмата ги имаме истакнатите театарски работници како што се Ана Пампулова, кореограф и режисер од Бугарија, првото гостување на независниот театар „Континуо“ од Чешка, првото гостување на театар од Грција на нашиот фестивал, од компанијата „Арт и медија зона“, кои доаѓаат со претставата „Исмини и Калипсо“ во режија на Ефи Мерваглоу, а тука се и пријателите од „Лудум, Лудум“, Србија, предводени од режисерот Петар Ристовски. Задоволство е што покрај нив, во натпреварувачката програма, ќе бидат и експресивниот буто танц на Васил Зафирчев, „Трансферату“ во продукција на Интимен театар од Битола, „Проклетстовото на Виктор и Викторија“ во режија на Војо Цветановски и „Три сестри“ на Теа Беговска“, потенцираше селекторот на програмата Игор Ивковиќ.
Последниот фестивалски ден е посветен на доделвуањето награди. Во чест на гостите, ќе се одржи мултимедијалната промоција на книгата „Стрмоглаво кон височините“, на авторката Марта Маркоска, а организаторите, независната продукција „Театар 007“ ќе ја изведе претставата „Ќелавата пејачка“.
За трите награди и тоа: „Гранд при“ за претстава во целина, „Наградата за најдобро актерско остварување“ и „Наградата за најдобра режија“, ќе одлучува три члено жири во состав: Наташа Поплавсла, режисер, Снежана Коневска-Руси, актерка и Иванка Апостолова, претседател на ИТИ Македонија.
„Среќни сме и задоволни што четврта година по ред, Универзална сала е домаќин на ИТФ „Лица без маски“ и што заедно со Независната продукција „Театар 007“, создаваме проект кој има голем интерес меѓу европските и светски театарски комапнии“, истакна директорката на Унвиерзална сала, Вера Бошковска.
Дизајнот на наградите е на истакнатиот македонски вајар, Зоран Тошевски.
Фестивалот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и Град Скопје, со вкупен буџет од 600 илјади денари.