Оскаровката Жулиет Бинош - една од најголемите актерки во светот доаѓа на „Браќа Манаки“ 2014
- Детали
- вторник, 09 септември 2014
ИФФК „Браќа Манаки“ и Вип оператор со огромно задоволство и после неколкугодишни преговори открија дека годинава ја остваруваат својата огромна желба да ја донесат во Македонија сигурно најбараната актерка во моментов и една од најголемите на сите времиња, Жулиет Бинош, која доаѓа во период кога директно и многу активно е вклучена во светска промоција на филмот Облаците на Силс Марија, гостувајќи на голем број еминентни фестивали, како што се Кан и Торонто меѓу другите.
Токму овој, aктуелен филм, ќе биде прикажан во нејзина чест на свеченото отворање на 35. издание на „Браќа Манаки“, после церемонијата на црвениот тепих пред Центарот за култура во Битола, при што ќе ја прими специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. Во Облаците на Силс Марија играат уште и холивудските ѕвезди кои допрва надоаѓаат, Кристен Стјуарт од сагата Самрак и американската манекенка и актерка Клои Грејс Морец. Филмот е напишан специјално за Бинош од страна на режисерот Оливие Асаја. Јавниот разговор отворен за публиката ќе се одржи на 14 септември од 11 часот во малата сала на Центарот за култура.
Името на француската актерка е поврзано со огромен број примери на нејзиниот вонсериски артистички потенцијал. Филмовите и наградите, распоредени пропорционално во целата тридецениска кариера, се само дел од приказната. Бројката е исклучителна, 58 филмови, 28 награди од буквално сите фестивали кои значат во светот на филмот, меѓу кои и Оскар за најдобра споредна улога во Англискиот пациент од 1996 година на Ентони Мингела.
Но, имајќи ја шансата да oстане и да снима исклучиво во жариштето на филмската индустрија, одбира да се врати дома со Алис и Мартин (1998) на Андре Ташине. Не е првпат Бинош да одолее на Холивуд. Во 1993 година го одбива Стивен Спилберг за улога во Паркот Јура, за да може да ја толкува носечката улога на Жули во Три бои: Сино на Кишловски.
Втората оскаровска номинација, овојпат за главна актерка, е во светскиот мега-хит на Ласе Халстром од 2000 година, Чоколадо. Во тандем со Џони Деп на екранот, за оваа прекрасна романтична сторија, Бинош стана прв двоен носител на Европската филмска награда за најдобра актерка. „Европскиот Оскар“ првпат го освои уште во 1991 година со Љубовниците на мостот на Леос Каракс.
Освен по својата исклучителна харизма и креативна супериорност, позната е дека снима филмови со автори од различни меридијани, како Јапонецот Нобухиро Сува (Плоштад победа), Аргентинецот Сантијаго Амигорена (Неколку денови во септември), тајванскиот режисер Ху Хсиао-Хсиен (Летот на црвениот балон), сите во рамки на 2006-7, потоа Норвежанецот Ерик Поп (Илјадапати добра ноќ, 2013) и Полјачката Малгоржата Шумовска (Ел, 2010), со која следнава година ќе снима втор филм. Глуми и во два филма на еден од најголемите европски режисери, Михаел Ханеке, Код непознат (2000) и Скриено (2005), кој весникот Тајмс го смести меѓу најдобрите во првата деценија на XX-иот век.
Посебно место тука има релацијата со Иранецот Абос Кјаростами во два проекта, камео-појавувањето во Ширин (2007) и Заврена копија од 2009. За последниот, ја освојува наградата за најдобра женска улога на Канскиот фестивал и во 2010 станува првата актерка во светот која ја носи „тројната европска круна“. Венеција ја „доби“ со Три бои Сино, Берлин со Англискиот пациент, Кан со Заверена копија.
Во почетокот на кариерата играла со најголемите француски и европски актери, а подоцна и со Ричард Гир (Времето на пчелите,2004), Семјуел Л. Џексон (Во мојата земја, 2004), Форест Витакер и Марион Котијар (Марија, 2005), Ал Пачино, Ченинг Тејтум, Реј Лиота (Ничиј син, 2011), Роберт Патисон и Пол Џијамати (Космополис, 2011), па и во Годзила, последниот голем холивудски блокбастер.
Честопати во кариерата толкува ролји на сериозна жена исправена пред уште потешки проблеми во животот. Ја води носечката улога во биографскиот филм Камил Клодел 1915 (2013) на францускиот мрачен, авангарден режисер Бруно Димон. Во Насилно влегување (2006) на Мингела игра ранлива бегалка од Босна, за што и вистински доаѓа на Балканот, како едно од мошне ретките престои во регионот.
Но прифаќа и комични ликови, како во Мојот зет ја уби сестра ми (1986), Кауч во Њујорк (2006) Џет лег (2002) со Жан Рено, Ден во вистинскиот живот (2007) покрај Стив Карел, и романтичната комедија Зборови и слики (2014).
И, без оглед какви оцени добиваат филмовите во кои се појавува, речиси без исклучок, Бинош е омилената актерка на сите филмски критичари.
Не само на платното, туку и во театарот е неприкосновена, со бројни улоги во големите метрополи. На Бродвеј се појавува во Предавство на Харолд Пинтер, за која е номинирана за Тони-наградата во 2000 година. Поради оваа претстава мораше да ја откаже и поканата на Клинтонови за гостување во Белата куќа, но затоа семејството на претседателот доаѓа во Њујорк лично и персонално за Бинош.
Во 2008 година, трагајќи по следни предизвици, ги покажува своите танчарски можности во проектот во-мене (in-i) со потврдениот кореограф Акрам Кан, стекнувајќи ласкави оцени за изведбата.
Им помага на децата од светот, бидејќи е кума на девет сираци од Камбоџа, финансирала градба на дом за деца без родители преку добротворната огранизација Децата на Азија, социјално ангажирана е преку Новинари без граници, а кога е политички активна, ги брани ставовите што смета дека треба да ги брани, како барањето да се ослободи притворениот иранскиот режисер Јафар Панахи.
Бинош е родена во Париз на 4 март 1964, како ќерка на скулптурот и режисер Жан-Мари Бинош, и на актерката Моник Ивет Стален. Сестрата на Жулиет се вика Марион и е фотографка. Живее во предградие на Париз со двете деца. Рафаел (20) кој е син на професионалниот нуркач Андре Ал, и ќерката Хана (14), чиј татко е актерот Беноа Межимел. Интересен е и фактот што и покрај тоа што излегувала со имиња како Даниел Деј-Лус, Оливие Мартинес, Сантијаго Амигорена, никогаш не стапила во формална брачна заедница.
Како што беше објавено, 35-тото издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 13 до 19 септември. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Англичанецот Крис Менџис. Два македонски филма ќе ги имаат своите премиери, До балчак на Столе Попов и Децата на сонцето на Антонио Митриќески. Вкупно 76 филма во осум категории ќе бидат прикажани на Фестивалот, меѓу кои и омаж на Милчо Манчевски. Годинашниот јубилеј ќе се одвива под слоганот „Кон ѕвездите.“
Следната наша станица од филмското патување е свеченото отворање.