Проект за дечињата со пречки во развојот - „Не го врти погледот“
- Детали
- понеделник, 26 август 2013
Убава иницијатива која произлезе од неколку годишната соработка и подршка на Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Скопје од една страна и две невладини организации од кои едната македонска (ИПОР) и втората германска невладина организација НатурКултур.
Соработка која започна преку волонтирање и подршка на Заводот, потоа со организирање на настани за собирање на облека за децата и младинците во Македонија и Германија, информирање и вклучување на Германската Амбасада за потребите на оваа институција, како и размена на практични искуства со цел подобрување на работата во установата. Како резулат на претходните активности деновиве соработката продолжува со меѓународна размена на деца и младинци со посебни потреби од Македонија и Германија.
Проектот кој е финансиран од Германската Национална Агенција во рамки на програмата „Млади во акција„ од ЕУ, а кофинансиран од ВизАир и ТАВ Македонија, се одржа од 27 Август до 3ти Септември во Дипенау, Германија. Во периодот од 7 дена децата и младинците од Македонија и Германија имаа можност да работат на нивните способности како на пример: моторика и движење преку танц и музика, креативни работилници за подобрување на говорот и изразувањето, креативни работилници за употреба на рацете, вежби и активности за развој на фината моторика, рачни изработки но и културни искуства од дружење со различни култури и стекнување нови пријателства.
Дефектолозите од двете земји разменија искуства и напредни работни методи кои ќе се употребуваат во програмите во иднина. Свења Олтманс претседателката на НатурКултур ја истакнува потребата за социјална инклузија на оваа најранлива категорија сограѓани: "Овие деца и младинци ги немаат истите можности да патуваат, да запознаваат нови пријатели и да напредуваат во својот развој како сите останати. Ние сакаме да помогнеме овие млади луѓе да имаат барем приближно среќен живот како и сите останати и затоа го инициравме овој проект, за да не останат заборавени од институциите и останатите луѓе."
Иако грантот беше одобрен во износ од 70% од Германската Национална Агенција преку програмата Млади во Акција, мораше да се обезбеди и кофинансирање на патните трошоци бидејки тоа е услов за добивање на грантот. ВизАир и ТАВ Македонија потврдно одговорија на барањето да ги кофинансираат овие трошоци.
Ни претставува особена чест и задоволство фактот дека со овој проект дел од нашите младинци ќе доживеат многу нови позитивни искуства кои претходно никогаш немале можност да ги искусат. Соработката со овие две невладини организации ИПОР и НатурКултур во текот на изминатите године допринесе за подобрување на квалитетот на услугата која им ја нудиме на корисниците, подобрување на условите за работа и позитивниот ентузијазам кај вработените. Искуствата кои ќе ги стекнат нашите младинци во текот на својот престој во Германија и дружење со младинци од Германија убедена сум дека ќе предизвикаат позитивни емоции и искуства кои секако дека ќе допринесат во нивното социјално вклучување во општеството – изјави Анета Стефановска Асистент Директор во Заводот.
Овој проект цели кон креирање на свест кај граѓаните за лицата со посебни потреби и предизвиците и проблемите со кои тие и центрите каде што се згрижени ги имаат. Затоа е потребно целото општество да биде свесно дека тие луѓе постојат и се помеѓу нас, и да им помогнат на начин на кој можат за да бидат подеднакво вклучени како и сите други. Или како што и гласи насловот на овој проект - Немој да гледаш настрана - Направи нешто.